Неколкумина жители на Делчево меѓу кои и поранешен советник во Советот на општината и член на партиско обезбедување во период од речи си три месеци пред изборите купиле десетици ниви за цена од пола евро за метар квадратен, дознаваме откако вчера пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Јован Јаулески објави дека Финансиската полиција врши претрес во неговиот дом.
Така купени нивите биле окрупнувани и продавани на ЕВН Електрани за цена од околу 1,5 милиони евра, велат нашите извори. Нивите се наоѓаат во атарот на селата Очипала, Ветрен, Црквенец и Полето во близина на Делчево на кои требало да се постават фотоволтаични панели.
Од општина Делчево денеска не сакаа да ја коментираат вчерашната акција на финансиската полиција и да потврдат или демантираат дали за купените ниви е платен данок на имот на име на општината.
„Во интерес на истрагата не можеме да ги коментираме информациите пласирани во јавноста.“ – велат од Општина Делчево.
А откако Финансиската полиција вчера демантираше дека влегле во домот на пратеникот Јаулески, тој дообјасни дека тоа се случило во домот на неговите родители во Скопје затоа што неговиот татко е вработен како раководител на група за градежни работи во Одделот за набавки во ЕВН Македонија. Оттука и денешната реакција на СДСМ реагираа и денеска. Од таму прашаа дали таткото на пратеникот Јован Јаулески учествувал во нелегално финансирање на политичка партија.
„Дали парите од препродажбата завршиле во ВМРО-ДПМНЕ па затоа оваа партија веднаш се стави во заштита на Јаулески и неговиот татко? Одговорите на овие прашања очекуваме да ги даде истрагата.“ – велат од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ на прашање дали нивни членови се вмешани во купопродажбата на нивите, велат дека тие не се истражен орган за да имаат такви информации.
„Тоа е исто како да ги прашаме Оливер Спасовски и Зоран Заењ дали биле добри домаќини на Седат Пекер или водачите на Кавачкиот клан кои поседуваат македоснки пасоши.“ – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од финансиската полицијата само ја потврдија акцијата но и денеска не откриваат повеќе детали затоа што, како што велат од таму, случајот се наоѓа во предистражна постапка.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.