Инфлацијата во Турција се искачи на досега незабележани 73,5 отсто

Скокот е најголем во речиси четвртина век, според податоците.

Знаме на Турција, илустрација пулс24

Турската инфлација го достигна највисокото ниво во последните 24 години во мај поради притисокот од вртоглавото зголемување на цените на храната и енергијата. Официјалните податоци во петокот покажаа дека потрошувачките цени се зголемија за 73,5% на годишно ниво минатиот месец, од 70% во април.

Последната бројка го надмина највисокото ниво од 73,2% допрено во 2002 година и е највисоко од октомври 1998 година, кога инфлацијата достигна 76,6%.

Трошоците за транспорт и храна се зголемени за 108% и 92%, соодветно, во однос на минатата година, покажуваат статистиките.
Инфлацијата во земјата е двоцифрена во поголемиот дел од последните пет години, бидејќи турските власти им дадоа приоритет на економскиот раст и извозот. Во меѓувреме, контроверзниот пристап на централната банка за монетарно олабавување и покрај зголемената инфлација резултираше со историски пад на националната валута, лирата, која има најлоши резултати на пазарите во развој веќе неколку години.

Минатата година, лирата падна за 44% во однос на американскиот долар, главно поради голем број намалувања на стапките.

Турската централна банка се воздржа од зголемување на основната каматна стапка оваа година, која во моментов изнесува 14%. Наместо тоа, таа промовираше политики насочени кон проширување на употребата на лирата и ставање на располагање долгорочни инвестициски заеми. Регулаторот ќе го одржи својот следен состанок за политики на 23 јуни.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.