Турција: Додека Русија и Украина војуваат, нивните државјани ги делат клупите на курсевите по турски јазик


„Кога војната ќе заврши, сакам да се вратам во мојата земја. Сакам да дојде мирот. И овој курс е еден од начините да заборавиме на тешката реалност“

Во време кога трае руско-украинската војна и од терен секојдневно пристигнуваат вести за нови бомбардирања и можни нови мобилизации, државјаните на двете завојувани земји делат клупа на курсот по турски јазик во Измир, градот во западниот дел на Туркије.

Курсот, што беше започнат со поддршка на Канцеларијата на гувернерот на Балчова и Центарот за јавно образование, го посетуваат 20 руски и 18 украински државјани. Станува збор за курс што во Измир го започна грузиската инструкторка по странски јазици Саломе Дерме, инаку претседателка на Здружението на жени лидери на Евроазија.

Дерме за АА изјави дека го основале Здружението со цел странците кои дојдоа во Измир по почетокот на војната меѓу Русија и Украина што подобро да се интегрираат во турското општество. Курсот од 15 часа неделно го посетуваат 38 лица.

Руската државјанка Александра Дурсун, една од посетителите на курсот, рече дека со нејзиниот сопруг, кој инаку е Турчин, живеела во Туркије, по што решиле да се преселат во Русија. Но, набргу потоа започнала војната, па во март оваа година одлучиле повторно да се вратат во Туркије.

„Се преселивме во Русија кога започна пандемијата. Сега сме повторно тука. Туркије е многу убава за децата. Ние многу ја сакаме Туркије. Ги сакам луѓето, мене не ми е важно дали се Руси, Турци, Украинци. Ние не сакаме војна. Ние ги сакаме луѓето. Туркије значи мир, турскиот е јазик на мирот“, порача Александра Дурсун.

Украинката Олена Мусарова истакна дека пред руско-украинската војна живеела во Харков, Украина, во близина на руската граница. Мусарова, исто така, во март се дошла во Туркије.

„Кога војната ќе заврши, сакам да се вратам во мојата земја. Сакам да дојде мирот. И овој курс е еден од начините да заборавиме на тешката реалност“, рече накратко Мусарова.

АА



Source link

Пронајдете не на следниве мрежи: