Глобалната продажба на оружје и минатата година продолжи да расте

И покрај проблемите во синџирите на снабдување поврзани со пандемијата, глобалната продажба на оружје минатата година продолжи да расте, соопшти Институтот за истражување на мирот во Стокхолм (СИПРИ).

Сто од најголемите светски компании за оружје во 2021 година продале тешко оружје и воени услуги во вредност од 592 милијарди долари, се наведува во извештајот на СИПРИ (SIPRI).

Тоа значи раст од 1,9 отсто во однос на претходната година. Зголемувањето е повторно повисоко отколку во 2020 година, но под просечното зголемување во четирите години пред пандемијата на коронавирус.

„Почнува да се гледа долгорочното влијание на пандемијата“

-Тоа што всушност го гледаме е веројатно побавен раст отколку што многумина очекуваа во продажбата на оружје во 2021 година, изјави Нан Тијан, коавтор на студијата. „Долгорочното влијание на пандемијата навистина почнува да се гледа во компаниите за производство на оружје“, додаде тој.

Проблемите во однос на недостигот на работна сила и снабдувањето со суровини ја „забавија способноста на компаниите да произведуваат системи за оружје и да ги испорачуваат навреме“, вели тој.

Американците продаваат најмногу оружје

Убедливо најмногу одбранбена опрема сè уште доаѓа од американските корпорации, се гледа во податоците на СИПРИ.

Четириесет американски компании – вклучувајќи ги и првите пет во рангирањето – заедно сочинуваат 51 процент од целата продажба на оружје меѓу 100-те најголеми корпорации.

Но, меѓу првите пет компании – Локид Мартин (Lockheed Martin), Рејтон Технолоџис (Raytheon Technologies), Боинг (Boeing), Норт Граман (Northrop Grumman) и Џенерал Динамикс (General Dynamics) – само Рејтон имаше раст. Истовремено, продажбата на осумте најголеми кинески компании се зголеми за 6,3 отсто во 2021 година.

Кина е на второ место според вкупната продажба на оружје, со удел што нагло пораснал на 18 отсто. Потоа следуваат Велика Британија со 6,8 отсто и Франција со 4,9 отсто. Германскиот удел е 1,6 отсто. Европските компании, кои сега претставуваат 27 од 100-те најголеми, имаат раст од 4,2 отсто во однос на 2020 година.

Како војната во Украина ќе влијае на продажбата?

Со мал раст од 0,4 отсто, Русија имаше удел од три отсто во вкупната продажба, што е податокот пред инвазијата на Украина.

Како точно украинската војна, која започна во февруари, ќе влијае врз глобалните бројки веројатно нема да се знае до следната година.

Но, проблемите со снабдувањето најверојатно ќе се влошат со војната во Украина, особено затоа што Русија е главен снабдувач на суровини за производство на оружје, велат авторите на студијата, но и поради тоа што конфликтот доведе до големо зголемување на побарувачката.


Пронајдете не на следниве мрежи: