Поранешниот вицепремиер и министер за надворешни работи на Македонија Никола Димитров, денеска на 22. Белградски економски форум изјави дека на регионот мора да му се даде опиплива перспектива за членство во ЕУ, јави дописникот на МИА од Белград.
На панелот за влијанието на војната во Украина врз Западен Балкан, тој предупреди дека за време на кризата се зголемува економската разлика меѓу земјите-членки на ЕУ и државите од Западен Балкан, бидејќи регионот е поранлив од остатокот на континентот зашто има повеќе луѓе кои живеат под прагот на сиромаштија.
Тој додаде дека тоа ќе доведе до незадоволство на граѓаните во регионот од евроинтеграциите и оцени дека следната година ќе биде исклучително тешка.
-Сите сме во европскиот економски брод, бидејќи најголем дел од инвестициите доаѓаат од земјите членки на ЕУ, но економската разлика се зголемува, бидејќи надворешнотрговскиот дефицит на регионот е околу девет милијарди евра, а регионот ги добива истите изоноси од ЕУ, но за период од седум години. Грција добива десет пати повеќе од земјите од Западен Балкан и затоа разликата се зголемува, рече Димитров, говорејќи на собирот организиран од Делфи економскиот форум.
Тој оцени дека ЕУ не направила ништо опипливо од приемот на Хрватска во 2013 година и нагласи дека војната во Украина покажува дека, доколку ЕУ сака да има улога и тежина во новиот свет што се појавува, овој регион мора да стане дел од неа.
Димитров заклучи дека ЕУ ќе треба да создаде ситуација во која членството е можно и опипливо на хоризонтот и со одредување на датумот кога земјите ќе влезат во ЕУ.
Тој потсети дека Србија преговара осум години, но дека нема многу затворени преговарачки поглавја и посочи дека тоа значи дека нешто не е во ред со самиот пристапен процес.
Генералниот секретар на Бледскиот економски форум, Петер Грк, даде слични забелешки за тоа како процесот на приклучување на земјите од Западен Балкан е неефикасен и изјави дека многумина мислеле дека по 24 февруари тој ќе биде забрзан.
-Некои мислеа дека процесот на пристапување ќе биде забрзан по почетокот на војната во Украина и дека ЕУ ќе одлучи дека е геостратешки поважно Западен Балкан да биде внатре во ЕУ отколку надвор од неа. Во ЕУ дојде до отрезнување, бидејќи разбравме дека сме ранливи ако не го обединиме континентот, рече Грк.
Тој оцени дека тоа нема да се случи брзо, туку дека ќе оди „малку побрзо“.
Грк истакна дека ЕУ минува низ низа кризи, од кои една е процесот на одлучување и истакна дека случајот со Македонија покажал дека една земја може да го блокира почетокот на преговорите.
Тој оцени дека економската соработка не може да реши се, бидејќи не се работи само за неа, туку и за заедничките вредности.