„Во село кај нас, има најубава домашна пица“, ми кажа мајка ми и ми го подари рецептот, нема повкусна

Пицата е едно од неколкуте јадења кои ги обожаваат дечињата. Ова тесто за пица ми е подарок од мајка ми која живее на село и уште откога знам за себе, таа ја подготвуваше на овој начин и до ден денес вака ја прави. Моите дечиња ја обожаваат нејзината пица и велат дека е најубавата која ја пробале.




Затоа ѝ го побарав рецептот на мајка ми, а таа со задоволство ми го подари и ми рече: „Во село кај нас, има најубава домашна пица.“ Всушност, тестото излегува навистина перфектно, како да e месено од професионалци. Пробајте и ќе се уверите. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1,5 чаша топла вода (300 мл), 1 пакетче свеж квасец (42 г), 1 лажица шеќер (20 г), 2 лажици маслиново масло (20 мл), 1 лажичка сол (8 г), 4 чаши брашно (480 г). ЗА ФИЛОТ ЌЕ ВИ БИДЕ ПОТРЕБНО: 3 лажици кечап (доматна паста), 1 лажичка оригано, два видови рендан кашкавал (количина по желба), салама или некое друго сувомеснато или подгответе фил по ваша желба, со намирници кои што ги имате во фрижидер.




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад ставете ја водата, додајте го свежиот квасец и малку издробете го со рацете. Потоа, додајте го шеќерот и измешајте ги состојките, додека да се соединат. Кога квасецот ќе почне малку да набубрува, додајте го брашното, измешано со солта.




Измешајте ги состојките со дрвена лажица додека да почне да се соединуваат во компактно тесто. Потоа преминете на месење со раце. Замесете фино и меко тесто, неколку минути, додека состојките убаво да се соединат и тестото да стане еластично. Пред крајот додајте го маслиново масло и месете го уште малку, додека да се впие целосно.




Покријте го садот со тестото со пластична фолија или со памучна крпа и оставете го да се удвои на топло место, околу 30-тина минути. Потоа, префрлете го на рамна, набрашнета површина, размесете го уште сосем малку и со прстите развлечете го обликувајќи го во правоаголник. Земете оклагија и развлечете го во големина на плех од рерна.




По потреба, наросувајте со брашно. Со помош на оклагијата, префрлете го тестото врз плехот и распоредете го низ целата површина. Претходно врз плехот ставете хартија за печење. Изрендајте од двата видови кашкавал и наредете околу краевите на тестото во подебел слој, оставајќи 2-3 прсти на самите краеви.

Кога ќе го распоредите, со краевите кои што се нанадвор, преклопете врз кашкавалот. На тој начин, печената коричка ќе излезе многу мека и сочна. На средина, премачкајте го тестото со доматниот сос, помешан со оригано. Ставете ја пицата да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 15-тина минути.

За тоа време, ќе фати фина коричка од страните. Извадете го плехот од рерна и на средина врз филот ставете кашкавал, јас обично ставам обилно кашкавал одозгора и неколку парчиња салама или некое друго сувомеснато. По желба, може да ставите маслинки, печурки, сирење…

Вратете ја пицата да се допече во рерна уште 10-тина минути, додека кашкавалот да се стопи, а потоа извадете од рерна, оставете малку да се олади и послужете ја со сечење на коцки. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.

Пронајдете не на следниве мрежи: