Русите и Американците сè уште можат да разговараат: На денешната средба беше избегната темата за Украина, но имаше и други ,,тешки прашања”

Руски и американски дипломати денеска се сретнаа во Истанбул за да разговараат за бројни технички прашања во однос на билатералните односи, потврдија од Министерството за надворешни работи на Русија и американската амбасада во Турција.

За војната во Украина не се разговарало, изјави портпаролот на американската амбасада, пренесува Ројтерс.

Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков изјави дека средбата меѓу шефовите на секторите на двете министерства за надворешни работи е само технички состанок, а не знак дека двете страни се подготвени да продолжат да разговараат за „главните прашања“.

Новинската агенција Тасс објави дека двете страни ќе разговараат за „тешки прашања“, вклучувајќи ги визите, бројот на персоналот во амбасадите и работата на институциите и агенциите на двете страни во странство.

Портпаролот на американската амбасада во Анкара ја потврди средбата и изјави дека, висок функционер на Стејт департментот бил во Истанбул за да се сретне со руски соговорници за тесен опсег на билатерални прашања.

„За руската војна во Украина не се разговараше“, рече портпаролот.

И во руската амбасада во Вашингтон и американската амбасада во Москва значително беше намален персоналот во последниве години во серија меѓусебни протерувања.

Шефот на руската надворешна разузнавачка служба Сергеј Наришкин и директорот на американската Централна разузнавачка агенција, Вилијам Барнс, се сретнаа во Анкара на 14 ноември, на средба на највисоко ниво меѓу претставници на двете страни откако Русија ја нападна Украина.


Пронајдете не на следниве мрежи: