четврток, 12 ноември 2026
Најново

ЕУ повикува на примирје во Јемен

Претпочитан извор Додај го Пулс24 во твоите извори на Google Додај

Министрите за надворешни работи на ЕУ се согласија дека ситуацијата во Јемен е катастрофална од хуманитарна гледна точка и дека е потребно примирје што поскоро.

ПУЛС24.МК - 14 ГОДИНИ

Ова е дел од заклучоците на министрите за надворешни работи на ЕУ денеска во Брисел.

Тие изразуваат “крајна загриженост“ за “катастрофалната хуманитарна ситуација“ во Јемен каде над 70 отсто од населението има потреба од хуманитарна помош, а над половина од населението е соочено со акутна прехранбена несигурност.

ЕУ повторно изрази поддршка за напорите на Обединетите Нации и специјалниот пратеник на ОН, Ханс Грундберг, кој ја води мисијата на олеснување помеѓу страните во конфликтот. ЕУ ги повикува Хутите да се откажат од своите “максималистички“ позиции и конструктивно да работат со господинот Грундберг.

-Советот ја истакнува огромната важност повторно да се воведе и да се продолжи примирјето, стои во заклучоците.

ЕУ исто така ја повтори својата посветеност за единството, суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Јемен.

Во Европската Унија се оценува дека меѓународната поддршка за Јемен не е доволно финансирана вклучително во хуманитарниот и развојниот дел. ЕУ вели дека е подготвена да ја зголеми асистенцијата и да помогне во реконструкција на земјата откако ќе биде изнајдено трајно решение за конфликтот во Јемен.