Пенов: Регионалната политика на ЕУ е шанса за развојот на општините и на планските региони

 Министерството за локална самоуправа преку политиката за рамномерен регионален развој преку две посебни мерки за стимулирање, реализираше 47 проекти за развој на селата и 23 проекти за развој на подрачја со специфични развојни потреби, во вкупна вредност од 230 милиони денари, рече министерот за локална самоуправа Ристо Пенов на тркалезната маса во делегацијата на ЕУ организирана од Италијанската амбасада во земјава.

– Проблемот на празнење на руралните населени места или нивна депопулација, со децении е присутен во нашата земја. Прво како резултат на миграцијата село-град, а сега уште повеќе и како резултат на иселувањето на младите луѓе во странство. Последните резултати од пописот покажаа дека бројот на население опаѓа, што значи дека го губиме најважниот ресурс во државата, човечкиот, додаде тој во рамки на разговорите за регенерација на оддалечените рурални области, рече Пенов.

Тој, како што информира Министерството за локална самоуправа, посочи дека најмалата општина, Зрновци има само 2086 жители, а најголемата, Куманово, без малку 100 000 жители. Ова се огромни разлики  кои што укажуваат и на различните развојни капацитети на општините.

– Од голема корист се ваквите тематски расправи, особено кога се поттикнати од земји, членки на ЕУ. Се обидуваме да ги обезбедиме основните услови за живеење, но ова не е доволно за да се поттикне посериозен развој. Во политиката за регионален развој на ЕУ, се повеќе акцентот се става на развојот на урбаните јадра, кои што ќе имаат сила да го повлечат и развојот на околните населени места, истакна Пенов.

Тој додаде дека во таа смисла се повеќе се инвестира во мобилноста, во олеснување на дневната комуникација село-град, во можноста за развивање на мали бизниси кои што ќе ги сервисираат потребите на градот.

– Во Законот за рамномерен регионален развој од минатата година е воспоставен уште еден механизам – Програма за финансирање на урбаните подрачја. Оваа програма не е насочена само кон развој на градските јадра, туку пред се има за цел да финансира проекти кои што ќе ја подобрат поврзаноста на градот со руралните населени места, додаде министерот за локална самоуправа.

Пенов рече дека регионалната политика на ЕУ е шанса за развојот на нашите општини и на планските региони.

– Се надевам на вашата поддршка, на поддршката од Европската Унија, во градењето на човечки и институционални капацитети. Наш интерес е да бидеме максимално подготвени за имплементирање на средствата од ЕУ во функција на развојот на државата и на приближувањето кон европските стандарди. Нашиот следен предизвик е тоа, како со нашите буџетски средства да обезбедиме додадена вредност од кохезионите европски фондови, заклучи Пенов.


Пронајдете не на следниве мрежи: