Канадската влада потврди дека ќе купи 88 авиони Ф-35 за вкупно 14,2 милијарди долари!
Овие стелт ловци-бомбардери од петтата генерација се произведени од компанијата „Локид Мартин“ и се најмодерни американски авиони, иако во неколку наврати цели флоти беа приземјени поради разни дефекти.
– Во денешното сложено глобално опкружување, на Канада и треба армија која е флексибилна, агилна и способна да одговори на различни непредвидени ситуации – изјави Анита Ананд, министер за одбрана на Канада.
Откако Русија ја започна инвазијата на Украина на 24 февруари минатата година, американската компанија доби бројни нарачки за испорака на авиони Ф-35.
Нарачки доаѓаа од Германија, Швајцарија, Чешка, Грција и Финска.
Овие авиони моментално се во воздухопловните сили на 13 земји – САД, Велика Британија, Австралија, Италија, Холандија, Норвешка, Данска, Јапонија, Јужна Кореја, Израел, Полска, Белгија и Сингапур.