– Изминатите седум години во Белград се легализирани повеќе од 450 илјади квадратни метри станбен простор, во објекти што делумно или целосно се изградени без дозвола, покажува истражувањето на БИРН.
Сателитските снимки покажуваат дека тие објекти не постоеле или не биле завршени во 2015 година, што според Законот е основен предуслов за легализација на дивоградба.
БИРН откри повеќе од 300 згради на територијата на главниот град на Србија – главно станбени згради поголеми од илјада квадратни метри – целосно или делумно изградени незаконски, според сателитски снимки од 2015 година. Сепак, извесно е дека бројот такви објекти е уште поголем.
Со груба пресметка, денешната вредност на таквите легализирани објекти откриени од БИРН изнесува повеќе од милијарда евра.
Истражувањето на БИРН покажува дека не се работи за изолирани поединечни случаи, па дури и за поединечни белградски општини, туку дека станува збор за системска практика што трае со години, се уште трае и е евидентирана во сите централни белградски општини.
Истовремено, покрај зградите од базата на БИРН, често никнуваат (се уште) дивоградби што чекаат „нов круг“ легализација.
Користејќи напредни техники OSINT (истражување со помош на отворени извори), новинарите на БИРН ја пребаруваа картата на градот и ги вкрстуваа податоците од сателитската снимка со податоците од Катастарот и Регистарот на одобренија за градење на Агенцијата за економски регистри. Тоа е направено затоа што и покрај законската обврска, нема јавни податоци за тоа кои решенија за легализација на објекти се донесени од Секретаријатот за легализација на град Белград. Покрај тоа, Секретаријатот ги игнорираше барањата на БИРН да ги достави тие решенија.