Црногорскиот Институт за јавно здравје денеска уште еднаш апелираше до родителите да ги вакцинираат своите деца со МРП вакцината, бидејќи, како што посочија од установата, државата е на прагот на епидемија.
– Мали сипаници – морбили, кои се појавија во регионот, се една од најзаразните болести, а само едно инфицирано лице ќе го пренесе вирусот на 12-18 ранливи, објасни епидемиологот Милена Поповиќ Самарџиќ.
Таа на својот Фејсбук профил напиша дека човек се смета за ранлив доколку не е вакциниран или не прележал морбили.
– Пред воведувањето на вакцината, честите циклични епидемии на сипаници однесоа дури 2,6 милиони животи годишно според податоците на СЗО. По воведувањето на МРП вакцината, бројот на смртни случаи се намали за 73 отсто во периодот од 2000 до 2018 година. Се проценува дека со вакцинација против големи сипаници во овој период биле спречени 23,2 милиони смртни случаи. Сепак, ефектите од вакцинацијата МРП зависат од опфатот, рече Поповиќ Самарџиќ.
Како што појасни таа, благодарение на вакцинацијата, бројот на смртни случаи од сипаници се намали од 1.070.000 во 2000 година на 60.700 во 2020 година (извор СЗО).
– Морбилите се респираторна инфекција. Вирусот се пренесува со директен контакт и преку воздух. Затоа, честичките што го содржат вирусот се исфрлаат со кашлање, кивање и зборување. Тие честички, кои потоа ги вдишуваме, остануваат во воздухот до два часа. Доволно е да поминете низ коридор или затворен простор во кој престојувало заразено лице, кое тоа сè уште не го знае или не го препознало, бидејќи лицето е заразно четири дена пред и четири дена по појавата на сипаници, и да се вдишат овие честички кои содржат вирус, објасни Поповиќ Самарџиќ, пренесе подгоричката Адриа ТВ.