Австралија ќе ја тргне покојната кралица Елизабета од банкнотата од 5 долари

Австралија ќе ја замени својата банкнота од 5 австралиски долари на која е портрет на кралицата Елизабета II со нов дизајн што ќе ја одразува и почитува историјата на домородната култура на континентот, соопшти денеска Националната банка на земјата.

Одлуката уследи по консултациите со федералната влада, која ја поддржува промената, се вели во соопштението.

Австралиските власти по смртта на Елизабета II соопштија дека ликот на кралот Чарлс III нема автоматски да го замени ликот на починатата британска кралица на банкнотата од 5 долари и оти може да биде заменет со австралиски мотиви.
Додаваат дека од другата страна на банкнотата, како и досега, ќе има слика од парламентот.

Банкнотата од 5 австралиски долари е единствената банкнота во земјата што го носи ликот на кралицата.
На австралиските монети мора да стои ликот на британскиот монарх, а на новите монети ќе биде ликот на кралот Чарлс Трети.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.