Како пријателите ви го чуваат здравјето?

Како старееме, пријателите стануваат исклучително важен дел од животот и се големо влијание врз нашето психофизичко здравје.

Според истражување на списанието Personal Relationships, добрите односи и јаките пријателски врски со текот на годините ни се попотребни од семејството.

Во истражувањето биле опфатени повеќе од 270.000 луѓе во скоро сто држави. Истражувачот и психолог Вилијам Чопик на почетокот открил дека цврстите врски со семејството и со пријателите се поврзани со здравјето и среќата. Меѓутоа, луѓето кои во староста имаат одржано цврсти врски со пријателите се поздрави и посреќни.
Во вториот круг од истражувањето Чопик открил дека луѓето кои немаат пријатели во староста се повеќе наклонети кон хронични заболувања.
„Разни истражувања покажале дека во друштво на пријателите уживаме, сме поопуштени и насмеани, а дружењето со семејството може понекогаш да биде посериозно, по малку монотоно, а некогаш и напорно“, вели Чопик.

Цврстите пријателски врски придонесуваат за подобро ментално и физичко здравје, особено во староста. Чопик нагласува дека луѓето често си ги занемаруваат пријателите на сметка на сопружниците и децата бидејќи сметаат дека тие доаѓаат на прво место.
„Важно е да се биде посветен на семејството, но пријателствата имаат посебно влијание на нас. Во текот на нашите животи ги испуштаме површните пријателства и остануваме со оние кои навистина ни значат. Во староста знаете дека околу вас останале луѓе кои ве прават среќни и со кои полесно ги надминувате сите потешкотии“, вели Чопик во извештајот од истражувањето.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.