Османи: ВМРО-ДПМНЕ има страв од враќање на Груевски, а ДУИ нема интереси од тоа

За тврдењата на албанската опозиција дека во редовите на ДУИ постои стравување од евентуално враќање на поранешниот премиер Никола Груевски на домашната политичка сцена, тој рече дека тоа се внатрепартиски превирања во самата партија ВМРО-ДПМНЕ, а неговата партија нема никакви интереси од она што се случува кај поранешниот коалициски партнер.

– Тоа е внатрепартиска битка во ВМРО-ДПМНЕ, таму постои страв од враќање на Груевски. Зошто се возбудуваат малите албански партии за ВМРО… ДУИ е посилна е од кога било, ќе излезе на избори, ќе победи, бидејќи Албанците не наоѓаат друг комодитет освен кај ДУИ и Али Ахмети – кажа Османи.

Во врска со наводите на опозициските партии од албанскиот блок за откажување на ДУИ од напорите за изгласување на уставни измени, Османи е дециден дека партијата ќе направи се што може за реализација на уставните промени.

– Без уставни промени нема зачленување во ЕУ, нема преговори со ЕУ, без преговори со ЕУ ние не можеме да функционираме како општество. Без овој извештај што денеска го објави ЕУ со дијагноза за сите слабости, нема да бидеме во можност да ги детектираме ниту да ги коригираме нашите слабости. Затоа до последен миг , до последниот здив, до последната можност, ние нема да престанеме да работиме за уставните промени. Но одговорноста не е само на ДУИ. Не може само ДУИ да има одговорност за евроатлантската иднина на земјава, треба одговорност да сносат и оние што го попречуваат тој пат, со сите последици од таквото однесување – рече шефот на македонската дипломатија.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.