КОВАЧЕВСКИ СИГУРЕН ВО СЕБЕ: По изборите, јас пак ќе бидам премиер и ќе ја внесам Македонија во ЕУ

Одговорноста има име и презиме, тоа е ВМРО-ДПМНЕ и нивното раководство кое се противи на продолжување на европскиот пат на државата, истите кои го кочеа зачленувањето во НАТО го кочат европскиот пат на земјата, изјавил во интервју за Канал 5 ТВ премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски.

-Ние имавме влада на ВМРО-ДПМНЕ 11 години каде немавме ниту еден исчекор, немавме одлука во делот на зачленување во НАТО и во ЕУ. Секогаш одлагаа, секогаш ги одложуваа за да на крај имаме потешки и полоши решенија, тука пред се мислам на договорот со Грција. И денес е исто. Уставните измени се блокирани од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Одговорноста има име и презиме, тоа е ВМРО-ДПМНЕ и нивното раководство коешто противи на продолжување на евроинтеграцискиот пат на државата. Зошто? Заради едноставно политички причини и играње на емоциите на граѓаните преку воспоставување на реторика која води кон минатото, а не води кон иднината. Ние како коалиција сме решени овој процес да продолжи и сметам дека ќе дојде денот кога сите пратеници ќе сфатат дека нема алтернатива и дека единствен начин за напредок и на државата е зачленување во ЕУ. Како изгледа чекање ние најдобро сме виделе. 17 години Македонија чекаше за да добие преговарачка рамка и да отпочне преговори со ЕУ, рече Ковачевски.

Како што соопшти СДСМ, Ковачевски истакнал дека процесот на зачленување во ЕУ значи повисок животен стандард, економски просперитет, подобра социјална правда и врвно владеење на демократија и владеење на правото.

Ковачевски додал дека „процесот е се уште жив и ќе остане бидејќи членството во ЕУ нема алтернатива“.

Во врска со изборите, тој истакнал дека СДСМ ќе има коалиција што сигурно ќе победи на изборите.

-А по изборите наредната 2024 година јас повторно ќе бидам мандатар на владата и ќе бидам претседател на проевропска влада, истакнал тој. За СДСМ воопшто не е прашање дали изборите ќе бидат во месец мај или во месец јуни. Бидејќи ние секако ќе направиме коалиција која што сигурно ќе победи на изборите. Коалиција која што сигурно ќе ја формира новата влада, и претседателскиот кандидат кој што ќе биде предложен од СДСМ и поддржан од европската коалиција ќе биде победник на претседателските избори кои што ќе се одржат идната година. После изборите јас повторно но ќе бидам мандатар на владата и ќе бидам претседател на влада кој што ќе предводи влада која што ќе ја внеси државата во ЕУ, рече Ковачевски.

Во однос на модалитетот за настап на изборите, вели дека имале разговори со коалициските партнери, за што медиумите ќе бидат информирани.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.