Спасовски: Безбедноста за време на Самитот на ОБСЕ ќе биде на највисоко ниво!

Самитот на ОБСЕ во Скопје, кој ќе се одржи следната недела, на 30 ноември и 1 декември е голем настан, бара многу посветеност, многу ангажман, многу работа заради тоа што безбедноста мора да биде на едно многу високо ниво.

Настанот ќе се оджи во спортскиот центар „Борис Трајковски“, се очекува да пристагнат околу 70 делегации на ОБСЕ коишто се предводени на највисоко ниво од министри за надворешни работи и луѓе коишто ќе бидат во тимовите. Ова вечерва го соопшти министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој гостуваше во дневникот на МТВ на тема организација и безбедност на самитот на ОБСЕ.

– Некаде околу 1000 лица, претставници на делегации и партнери од ОБСЕ, од коишто 55 делегации ќе имаме од трет степен на безбедност и неколку делегации на пониско ниво, четврт и пониско ниво на безбедност. Сите активности заедно, нашиот Оддел за заштита на определени личности и објекти со сите други структури на Министерството за внатрешни работи, како и со владините институции коишто се вклучени во организацијата, се подготвени да ги пречекаме овие гости и самитот да се одвива на задоволително ниво за сите нас, потенцираше министерот Спасовски.

Спасовски, како што соопшти МВР, истакна дека ние како држава оваа година практично имаме чест да организираме два големи и важни настани – 50 јубилејна регионална Европска конференција на Интерпол што МВР имаше чест да ја организира во мај оваа година во Охрид и организацијата на самитот на ОБСЕ во Скопје.

На прашање колку МВР е подготвено да гарантира дека овој настан ќе помине во беспрекорен ред од безбедносен аспект, министерот Спасовски увери дека МВР е максимално подготвено и посветено да ја гарантира безбедноста на сите делегации, а воедно да го гарантира и нормалното функционирање на државата во овој период.

– Се што е потребно логистички е обезбедено, сите лица коишто учествуваат од страна на МВР им се направени посебни обуки за да се приспособат на овој настан и на потребите на настанот, така што, сме подготвени и ќе се реализира целосно планот којшто е подготвен за реализацијата на настанот. Вклучени се и вработени во Армијата. Тие ќе бидат вклучени во еден сегмент, којшто практично ќе помогне во транспортирањето на делегациите. Така што и од службата за Општи заеднички работи и други министерства… Носителот на активноста, Министерството за надворешни работи секако дека е тој што ги води овие активности и ги организира, така сите структури и сите институции мора да бидат во функција на добро организирање и одлична реализација на целиот настан, рече Спасовски.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.