Светска банка денеска соопшти дека Бордот на извршни директори ја разгледал новата стратегија за соработка со Македонија 2024-2028 во која фокусот ќе биде ставен на зајакнување на конкурентноста на земјата, развивање на човечкиот капитал и зајакнување на отпорноста на климатските промени.
-Стратегијата ја истакнува потребата за Македонија да го поттикне растот во создавање на повеќе работни места во контекст кој продолжува да се потпира на микро и мали претпријатија со ограничен пристап до вештини и финансии потребни за иновации и раст на сè поконкурентни домашни, регионални и глобални пазари. Немањето доволно можности за динамични работни места ја поттикнува имиграцијата, ги продлабочува демографските предизвици и го попречува подобрувањето на продуктивноста, се вели во соопштението од Светска банка.
Според директорот на Канцеларијата на Светска банка за Македонија и за Косово, Масимилиано Паолучи, за да се одржи развојот на Македонија, приоритет е создавањето на привлечни работни места, особено за младите, а за тоа треба да се создадат услови за приватниот сектор да биде двигател за раст и за создавање работни места.
Стратегијата, како што се посочува во соопштението, предвидува и обновени напори за промовирање на поголема поврзаност на земјава со регионалните и глобалните пазари за да се олесни трговијата и пристапот кон Европската унија.