(Фото) Зетот на Трамп ги откри плановите за вложувањa во Србија и Албанија

Џаред Кушенр, зет и советник на поранешниот американски претседател Доналд Трамп во Белата куќа, во саботата ги потврди информациите за планираните вложувања во луксузни недвижнини во Србија и во Албанија, откако поединости од проектот беа објавени во весникот The New York Times, а ги откри и еден српски пратеник.

„Задоволство ми е да ги споделам концептите за развој на проектите што ги создадовме за албанското крајбрежје и центарот на Белград“, напиша Кушнер на X. Четирите објавени фотографии го прикажуваат архитектонскиот концепт на идните комплекси со недвижнини во главниот град на Србија и на албанското крајбрежје.

Српскиот парламентарен пратеник, кој се претставува и како еколошки и политички активист, Александар Јовановиќ во средата изјави дека српската влада го задолжила министерот за градежништво Горан Весиќ да потпише „меморандум за разбирање“ со две компании, коишто, според него, се поврзани со семејството на Доналд Трамп.

Министерот Весиќ изјави дека тоа не е тајна, но дека документот сѐ уште не е потпишан.

Во Србија прозападната опозиција ја наметна оваа чувствителна тема бидејќи станува збор за продажба на инвеститори на зградата на поранешниот Генералштаб на југословенската војска, неколку пати бомбардирана во 1999 година во времето на воздушните удари на НАТО врз тогашна СР Југославија, кои ги предводеа САД. Тоа резултираше со отцепување на српската јужна покраина Косово и Метохија, каде албанското мнозинство со поддршка на главните земји од Западот еднострано во 2008 година прогласи независност.

Како што тврди Јовановиќ, кој за проектот зборуваше десет дена пред одбележувањето на 25-годишнината од нападите на НАТО, српската влада би требало да ја отстапи зградата и земјиштето на период од 99 години и без надомест.

Седиштето на Генералштабот никогаш не е обновено. Зградата разорена во НАТО-бомбардирањата инаку изградена во 1965 година, српската влада на Воислав Коштуница во 2005 година ја прогласи за заштитено „културно наследство“. Според пишувањето на The New York Times, на таа локација е планирано градење луксузен хотел, музеј и 1.500 луксузни апартмани.

Што се однесува до инвестицијата во Албанија, станува збор за проект во рамките на којшто, како што тврди весникот, островот Сазан ќе биде претворен во луксузна туристичка дестинација.,, Сместен на влезот во Валонскиот залив, отровот беше тајна воена база на комунистичка Албанија од 1945 до 1990 година.

Албанското министерство за туризам во саботата ја потврди информацијата, според која инвеститорите покажале интерес за туристички проект на Сазан и за тоа ја известиле Агенцијата за вложувања и развој.

Истиот извор рекол дека „пред да биде донесена одлуката, проектот ќе мине низ повеќе фази на разгледување“.

Пронајдете не на следниве мрежи: