И покрај болеста, Селин Дион и натаму посакува да се врати на сцената


Поп-мегаѕвездата, 55-годишната Селин Дион, која боледува од ретко невролошко пореметување, на социјалните медиуми објави дека едвај чека да се врати на сцената.

Дион во декември 2022 година откри дека ѝ бил дијагностициран редок синдром кој предизвикува вкочанетост на мускулите на торзото, рацете и нозете. Познато е дека бучавата или емоционалниот стрес предизвикуваат грчеви кај овој синдром на вкочанетост.

„Обидот да го надминам ова автоимуно нарушување беше едно од најтешките искуства во мојот живот, но останувам решена еден ден да се вратам на сцената и да живеам што е можно понормален живот“, рече Дион во објавата во петокот по повод меѓународниот ден на свеста за ова нарушување.

„Сакам да ги охрабрам и поддржам сите ширум светот кои се погодени од оваа состојба. Сакам да знаете дека можете да го направите тоа! Ние можеме да го направиме тоа!”, додаде добитничката на престижните музички награди Греми за хитови како „My Heart Will Go On“ и „Because You Loved Me“.

„Длабоко сум благодарна за љубовта и поддршката на моите деца, семејството, тимот и сите вас!“, додаде таа со објавата на Instagram придружена со фотографија на која позира со трите сина со широка насмевка.

Не постои лек за синдромот на вкочанета личност, кој е прогресивен, но третманот може да помогне да се контролираат симптомите. Според американскиот национален институт за здравје, овој синдром погодува двојно повеќе жени отколку мажи.

Во мај минатата година, Дион беше принудена да откаже низа концерти закажани за 2023 и 2024 година, велејќи дека не е доволно силна за турнеја.

Последен пат Дион беше видена во јавност на доделувањето на Греми наградите во февруари, кога изненадувачки се појави за да ѝ ја додели наградата за албум на годината на Тејлор Свифт.

Во јануари, Дион објави дека ќе сними долгометражен документарен филм, кој ќе се емитува на Amazon Prime Video, за нејзината состојба да ја зголеми јавната свест.

За време на нејзината повеќедецениска кариера, Дион продаде повеќе од 250 милиони албуми.

Светската турнеја „Courage World Tour“ на ѕвездата родена во Квебек започна во 2019 година, а Дион имаше 52 настапи пред пандемијата на ковид-19 да ја запре серијата концери и да ги стави останатите на чекање.

Пронајдете не на следниве мрежи: