Полицијата сè уште трага по напаѓачот од Арачиново кој пукаше кон градоначалникот и рани две лица

Полицијата сè уште трага по напаѓачот што вчера попладне во скопско Арачиново со автоматска пушка пукаше кон градоначалникот на општината, Ридван Ибраими, и кон уште неколку лица, притоа ранувајќи двајца.

„Министерството за внатрешни работи постапува за идентификација на сторител на кривично дело. Обвинителството во континуитет издава наредби и насоки“, информираа денеска од Јавното обвинителство.

Во вчерашниот инцидент, кој се случил на влезот на село Арачиново, ранети се две лица кои за време на престрелката биле заедно со градоначалникот на општината. Ибраими не е меѓу повредените.

Според информации на дел од медиумите, повредени се возачот на Ибраими и лице вработено во општината.

Двајцата повредени, едниот со прострелни рани во градниот кош, а другиот во десното рамо, се пренесени на натамошно лекување во Ургентниот центар во Скопје и во Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“.

За престрелката во Арачиново денеска преку писмено соопштение реагираа од владејачкиот СДСМ. Од партијата излегоа со оценка оти безбедноста во земјава се влошува секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ раководи со МВР.

„Во само два месеца откако ДПМНЕ и Тошковски го водат МВР, се случи свирепо убиство на младо момче, убиства и пресметки на криминални групи, опожарени возила и вчерашниот обид за убиство на градоначалник, со пукање, во кое се ранети две лица. Налик на 11-годишното владеење на ДПМНЕ кога стравувавме од секојдневни тепачки во градските автобуси, поттикнување на меѓуетничка нетрпеливост и кога МВР беше МВРО ставено во целосна услуга на Белата палата. Граѓаните не сакаат неизвесност и несигурност, сакаат безбедни улици, сигурност и стабилност. ДПМНЕ не се способни да ја гарантираат безбедноста и сигурноста на граѓаните“, велат од СДСМ.

Пронајдете не на следниве мрежи: