Илјадници Израелци повторно излегоа на протести против владата на Нетанјаху, најмалку три лица се уапсени

Дел од демонстрантите, како што јави Ројтерс, го блокирале главниот автопат во Тел Авив пред да бидат растерани од полицијата, која во интервенцијата употребила водени топови за да ги потисне

Илјадници Израелци вчера излегле на протести на улиците во земјата барајќи од владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху да направи повеќе за ослободување на заложниците што палестинската милитантна група Хамас ги држи во Појасот Газа, пренесува британски „Гардијан“. 

Полицијата со водени топови ги растерува демонстрантите во Тел Авив / Фото: EPA-EFE/ATEF SAFADI

Демонстрантите повторно побарале од владата на Нетанјаху да постигне договор за ослободување на заложниците кои сe уште се во рацете на Хамас. 

Дел од демонстрантите, како што јави Ројтерс, го блокирале главниот автопат во Тел Авив пред да бидат растерани од полицијата, која во интервенцијата употребила водени топови за да ги потисне.  

Според информациите, најмалку три лица се уапсени за време на синоќешните протести. 

На демонстратните во Тел Авив им се придружиле и членови на семејствата на заложниците, кои носеле фотографии од нивните најблиски кои сè уште се во заробеништво во Појасот Газа.  

Во меѓувреме, Израел утрово започна со нови напади врз Газа, откако вчера ја прошири наредбата за евакуација на населението од најјужниот град во Појасот, Рафах. 

Ова се толкува како дополнителен знак дека израелската војска продолжува со своите планови за копнена офанзива на градот во близина на границата со Египет и покрај засилените повици од меѓународната заедница да се повлече од офанзивата врз Рафах. 

Меѓу оние кои повикуваат на повлекување се и Обединетите нации (ОН) и Соединетите Американски Држави (САД), кои се главен сојузник на Израел.      

Од вчерашните антивладини протести во Тел Авив / Фото: EPA-EFE/ATEF SAFADI

Агенцијата за цивилна одбрана на Газа соопшти дека двајца лекари биле убиени утрово во град Деир ал-Балах во централниот дел на Газа, додека дописниците на агенцијата Франс прес јавија за интензивни судири и тешки пукотници од израелски хеликоптери во близина на градот Газа на север. 

Вчера повеќе од 100 000 Палестинци побегнаа од градот Рафах, стравувајќи од израелската офанзива.  

Патиштата што водат надвор од градот, како што пишува „Гардијан“, биле „задушени“ со долги колони луѓе, од кои повеќето се движеле пеш, носејќи ги своите работи, додека, како што изјавиле очевидци Израел, во меѓувреме, извршил воздушни напади во градот во близина на преминот со Египет. 

Пронајдете не на следниве мрежи: