На инаугуративна седница во Собранието, Гордана Силјановска-Давкова даде свечена изјава за стапување на функцијата претседател на Македонија во мандатниот период 2024 – 2029. Силјановска-Давкова – шести претседател и прва жена на оваа позиција од осамостојувањето на државата во заклетвата кажа: „Се обврзувам дека должноста ќе ја извршувам совесно и одговорно, ќе го почитувам Уставот и законите, ќе го штитам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија.“
Својот говор таа им го посвети на жените кои, рече, се оние заради кои се нафатила да се кандидира за оваа должност и затоа што сака да ги инспирира дека е можно во земјава и жена да стане претседател на државата.
Нагласи дека довербата е многу важна и таа ќе ја оправда затоа што ја добила оваа можност и затоа што, рече, добила шанса да биде опкружена со многу жени.
Првиот и основен критериум „за дружење“ со неа ќе биде стручност и компетентност, а владеење на правото е тоа што оваа држава, рече, ќе ја направи европска, а не „владеење на малкумина, не владеење на мажите“.
Порача дека е време е за единство „кое може да значи и женска филозофија и женска автентичност“ и дека државата ја имаме благодарение не само на комитите и партизаните, туку и на комитките како Сирма Војвотка и на партизанките како Вера Циривири-Трена, Вера Јоциќ и Ибе Палкуќа.
-Бидејќи ние умееме да се грижиме не само за себе, туку пред се за сите останати…За жал, жените ги нема многу во политиката. Среќна сум што ќе инспирирам други жени. Ако можам да бидам јас претседателка, можете и вие. На Балканот е се уште жив патријархатот, а силните жени може на поинаков начин да ги решаваат проблемите, цврсто верувам во тоа. Многу храбри жени и умни жени сум видела во овој Парламент, но се чудев зошто ги нема на највисоки позиции. И еве, се случи и тоа. Јас ќе го пробивам патот, ама овде – и од десно, и лево, и среде, гледам многу умни, многу посветени жени кои ќе ги носам во умот и во срцето. Не случајно држава е во женски род, демократија е во женски род, Македонија е во женски род.., истакна новоизбраната претседателка.
Посочи и дека самата не можела да замисли ваква доверба со гласови од над 560 илјади граѓани и дека се уште не може да верува во тоа, а дека единствен човек кој тврдел дека тоа ќе се случи, рече, бил Христијан Мицкоски, кој ја уверувал дека „тоа ќе се случи кога ќе има хармонија меѓу математиката и емоциите“.
Според конечните резултати, Силјановска-Давкова добила 561 000 гласови, а 251 899 избирачи гласале за Стево Пендаровски – нејзин противкандидат и на претходните Претседателски избори во 2019 година.
Кандидатурата на Силјановска-Давкова за претседател на државата поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата беше официјализирана на конвенција на 2 март 2024.
Универзитетската професорка по уставно право и политички систем тогаш порача дека „Изборите ќе го означат новото време“, а нејзината изборна кампања го имаше слоганот „Македонија повторно горда“.
Сподели ја веста: