Жиру го напушта Милан и се сели во САД


Францускиот напаѓач Оливие Жиру на крајот од сезоната ги напушта редовите на италијанскиот фудбалски гигант Милан и кариерата ќе ја продолжи во северноамериканската МЛС лига.

Засега не е познато во кој клуб ќе ја продолжи кариерата 37-годишниот Французин, но се шпекулира дека тоа ќе биде Лос Анџелес.

Францускиот ветеран официјално објави дека на крајот од оваа сезона го напушта „Сан Сиро“, велејќи дека е подготвен за нова авантура на крајот од кариерата.

„Многу сум горд на сѐ што направив за Милан во овие три години. Извинете, малку сум емотивен, мојата приказна со Милан завршува оваа година, но Милан ќе остане во моето срце засекогаш. Дадов сѐ што имам на овој клуб. За мене и за моето семејство, ова е вистинско време за поинакво животно искуство’, порача Жиру во видео-објавата.

Италијанските медиуми пренесуваат дека неговите деца ќе одат да студираат во САД, па целото семејство се сели во Лос Анџелес.

Жиру им се приклучи на „росонерите“ во летото 2021 година, пристигнувајќи од Челзи за 4,8 милиони евра. За три години во клубот, забележа 130 настапи во сите натпреварувања, постигна 48 гола и додаде 20 асистенции. Во дресот на Милан го освои и „скудетото“ во сезоната 2021/22.

Во текот на кариерата играше и за Челзи, Арсенал, Монпеље, Тур, Истр и Гренобл. Со 57 гола е најдобар стрелец во историјата на француската репрезентација, додека е трет по настапите со 131 меч. Пред него се Уго Љорис со 145 и Лилијан Турам со 142 репрезентативни настапи.

Со француската репрезентација ја освои светската титула (2018), светско сребро (2022), европско сребро (2016) и злато во Лигата на нации (2021).

Пронајдете не на следниве мрежи: