СИРИЗА ќе ги поднесе во грчкиот Парламент трите меморандуми со земјава предвидени со Преспанскиот договор



СИРИЗА во следниот период ќе ги поднесе за ратификација во Парламентот трите меморандуми со земјава, соопшти портпаролката на грчката опозициска партија Вула Кехаја на денешниот брифинг со новинарите, а на прашањето на дописничката на МИА од Атина, на кој начин ќе го сторат тоа, објасни дека ги разгледуваат можностите и веројатно ќе биде во форма на законска иницијатива.

Кехаја истакна дека СИРИЗА, која како Влада го промовираше и ратификуваше Договорот од Преспа „без во ниеден момент да не ја земе предвид политичката цена, туку исклучиво ставајќи го над сè националниот интерес“, следниот период ќе ги донесе за ратификација протоколите за соработка, за кои коментираше дека Владата на Мицотакис „избегнува да ги донесе во Парламентот од внатрепартиски причини и за да ја одржи рамнотежата во самата Влада“.

-Се истражува и се читаат законските текстови што произлегуваат од Договорот и претставуваат она што се нарекува Протоколи или Меморандуми за соработка со соседната земја и во следниот период, веројатно во облик на законска иницијатива ќе бидат доставени во Парламентот. Но, со големо изненадување и незадоволство ја слушаме Владата и нејзините претставници да најавуваат дека ќе гласаат против или нема да гласаат или дека не се согласуваат со таква иницијатива. Зошто се крие Нова демократија и не се обидува барем сега владината партија да го спаси угледот на Договорот од Преспа, кој во минатото го карактеризираше како предавнички, а сега смета дека треба да го одбрани, но без притоа да го заштити законски?, објасни Кехаја на прашањето на МИА за начинот на кој СИРИЗА би ги донел меморандумите.

На денешниот брифинг со новинарите, портпаролката на СИРИЗА упати прашање до актуелната грчка Влада, зошто, како што рече, „ако толку многу е вознемирена од ставот на новата претседателка на Северна Македонија, веднаш не ги донесе во Парламентот меморандумите како што налага Договорот од Преспа?“

– Еден од овие протоколи се однесува на интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија. Ова немаше да биде преговарачка карта за нашата Влада да изврши притисок врз Северна Македонија, да се усогласи со Договорот, а во спротивно нема да се отвори патот кон Европската Унија?, праша портпаролката на СИРИЗА.

Дополнително ја праша грчката Влада и „дали има намера да го покрене прашањето за исфрлање на националистичката ВМРО од Европската народна партија, односно сестринска партија на Нова демократија“.

Трите  потпишани меморандуми меѓу двете земји се: Меморандумот за забрзување на процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ; Меморандум за формирање на Координативен комитет за економска соработка и Техничка спогодба за надгледување на FIR Скопје, а веќе неколку години чекаат да бидат ставени на дневен ред за ратификација во грчкиот Парламент.

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: