Сиљановска-Давкова преку дијалог ќе ги убедува Грците дека е во право кога користи само Македонија наместо уставното име

„Дијалогот е здрава работа и ако нема взаемна почит нема да има резултат. Политиката бара дијалог и јас сум спремна да трагам по тоа и взаемно да ги надминеме проблемите“, изјави денеска претседателката на државата

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова денеска од Охрид, каде присуствуваше на настан, во изјава за медиумите рече дека преку разговори ќе ги убедува Грците дека е во право кога го користи името Македонија, наместо уставното име на државата. 

Претседателката на РС Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Таа повтори дека го почитува Преспанскиот договор, но и дека, за разлика од други, г почитува меѓународното право.  

Во таа насока, шефицата на државата, додаде дека начинот како ќе го користи името на државата е лична определба и право што е загарантирано со повисоки акти од билатералните договори.  

Околу прашањето како ќе убеди Грците дека е во право и како ќе го спроведе тоа, Сиљановска-Давкова рече дека се разбира оти има план, а тој е, како што посочи градење на добрососедски односи.  

Планот е, додаде таа, нудење почит и барање самопочит. 

„И мислам дека како што во политиката треба да се трага по уметноста на можното, тоа ќе го направиме набрзо. Мојата прва изјава беше дека нема да одам по светот, дека сакам да се сретнам со соседите и мислам дека ќе го остварам тоа. Се разбира за разговор се потребни сите околу вас и ние немаме друг избор освен да разговараме. Дијалогот е здрава работа и ако нема взаемна почит нема да има резултат. Политиката бара дијалог и јас сум спремна да трагам по тоа и взаемно да ги надминеме проблемите“,

рече Сиљановска-Давкова, пренесува МИА. 

Во врска со предупредувањата кои доаѓаат од официјална Атина дека не е исклучена можноста од покренување постапка пред Меѓународниот суд во Хаг за непочитување на одредбите од Договорот од Преспа, претседателката на државата, потсети на претходната пресуда на истиот суд во корист на државава, а која не беше почитувана од Грција.  

Рече оти не верува дека веднаш ќе се оди на суд, бидејќи Преспанскиот договор има градација. 

„На истиот тој меѓународен суд, каде ние бевме со Грција, пресуди во однос на кршењето на членот 11 од привремената спогодба. Тоа е исто меѓународен договор. Не верувам дека веднаш ќе се оди на суд. Има градација во Преспанскиот договор. Прво се укажува, се разговара, се адресира прашањето до Обединетите нации (ОН)Н, па потоа се оди на суд. Пресудите на судот треба да важат ерга омнес, но тоа не се случи во нашиот случај“,

рече претседателката на С Македонија. 

Во однос на доделувањето на мандатот за состав на идната влада на лидетот на партијата што освои најголем број гласови на парламентарните избори, Сиљановска-Давкова рече дека тоа ќе го стори во наредните денови.  

Прашана за коментар за незадоволството кај Демократската унија за интеграција (ДУИ) затоа што не се повикани да бидат дел од новата влада, таа рече мандатот го добива победникот на изборите и како конституционалистка го чита она што го пишува во Уставот.  

„Многу ми е жал што морам да ги разочарам, но како конституционалистка го читам она што го пишува во Уставот. Нема двајца победници на изборите, еден победник има, тој ги избира коалиционите партнери. Се разбира дека е политички, етнички, демократски здраво да вклучите во владата албански партии, тоа мандатарот веќе ќе го направи, меѓутоа другите тези од типот мнозинство – малцинство апсолутно не држат. Мнозинство има оној што има зад себе 61 пратеник и се разбира, посакувам во иднина при креирањето влади одлучувачки да бидат програмите, односно идеологијата. Тешко можете да мешате вода и масло, треба да имате компатибилни програми, за да имаме навистина реформи“,

рече Сиљановска-Давкова. 

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на денешниот настан во Охрид / Фото: Фејсбук-профил на Проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова

Инаку, во однос на користењето на уставното име на државата, како што е веќе добро познато, Сиљановска-Давкова опстојува на ставот дека со тоа што не го користи, пред сè во вербалната јавна комуникација, не го прекршува Преспанскиот договор, но во духот на слободата на изразување на мислата, слободата на самоидентификација и слободата на самоопределување претпочита да употребува македонски или Македонија. 

Ова наиде на жестоки реакции од Грција, од чии официјални претставници секојдневно пристигнуваат пораки дека новата власт во земјава треба да се придржува до Договорот од Преспа и да го користи уставното име на државата во секоја пригода. 

Фитилот што ги запали страстите во Грција, а предизвикува контраверзии и во земјава беше моментот кога при давањето на свечената заклетва во Собранието, Сиљановска-Давкова, повторувајќи по тогашниот претседател на законодавниот дом Јован Митрески, не го изговори уставното име, туку користеше само Македонија. 

Реакцијата од официјална Атина тогаш стигна експресно – грчката амбасадорка Софија Филипиду веднаш по заклетвата ја напушти ложата во собраниската пленарна сала, во која беа и амбасадори на други земји, во знак на протест. Од грчката амбасада рекоа дека тоа го сторила по инструкции од Министерството за надворешни работи на Грција. 

Оттогаш, речиси секојдневно грчкиот премиер Киријакос Мицотакис упатува пораки дека новата власт во земјава мора да се придржува до Договорот од Преспа и да го користи уставното име на државата зашто од тоа зависи нејзиниот европски пат. 

Инаку, претседателката на државата денеска во Охрид присуствуваше на отворањето на 18. Европски конгрес FIEPS Europa и 6. Научна конференција RPESH на европските спортски педагози, посветена на физичкото образование, спортот и рекреацијата. 

Пронајдете не на следниве мрежи: