„Првото прашање кое се наметнува за законот е практично дали се работи за измени кои се мотивирани од желбата за зголемување на ефикасноста на државната управа или се мотивирани од желбата за политички пазарења за полесно креирање на на владина коалиција и коалиција за носење на други закони за кои е потребно двотретинско мнозинство. Јасно е дека се работи за второто“, рече од пратеникот на СДСМ, Димитар Ковачевски од собраниската говорница
Откако помина пред надлежните комисии, предлог-законот за реорганизација на органите на државната управа, чиј предлагач е пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на новата влада, Христијан Мицкоски, повторно се врати на пленарна расправа која почна вечерва околу полноќ.
Продолжението на втората седница на новниот собрниски состава на кој точка на дневен ред е овој предлог-закон првично беше закажана да започне во 22 часот, кратко по завршувањето на расправата по него пред матичната Комисија за политички систем и Законодавно-правната комисија. Почна со задоцнување од околу еден час, но веднаш беше прекината на барање на пратеникот на Левица Борислав Крмов, кој побара пауза од еден час.
Околу полноќ пратениците се собраа во пленарната сала. Единствени кои се пријавија за збор се пратенците од опозицијата, кои еден по еден излегуваа на говорница критикувајќи го ваковото законско решение и начинот на кој се носи, по скратена постапка. Беа децидни дека нема да поддржат вакво законско решение.
Прво говореше претседателот на СДСМ во оставка, Димитар Ковачевски, кој веднаш на почетокот од неговиот подолг говор се осврна на мотивите поради кои се предлага реорганизацијата на органите на државната управа.
Според него, тоа не се прави за да се зголеми ефикасноста на органите на државната управа, туку поради политички пазар.
„Првото прашање кое се наметнува за законот е практично дали се работи за измени кои се мотивирани од желбата за зголемување на ефикасноста на државната управа или се мотивирани од желбата за политички пазарења за полесно креирање на владина коалиција и коалиција за носење на други закони за кои е потребно двотретинско мнозинство. Јасно е дека се работи за второто. Овој процес е мотивиран единствено за политички пазар и коалицирање“,
рече Ковачевски од собраниската говорница.
Говорејќи во таа насока, тој рече дека во предлог-законот има голем број недостатоци, а се осврна и на тоа што законот се носи по скратена постапка.
„Предизборното ветување на ВМРО-ДПМНЕ беше намалување на бројот на министертсвата, сега имаме нивно зголемување. Ваков сложен и системски закон кој треба да се носи во редовна постапка, со анализа и проценка на ефектите се носи во скратена постапка без соодветните анализи на што веќе укажаа и невладините организации… Дека се работи за решение кое е политички моитивирано говори и фактот што не е прицезирана ниту елементарна методолошка рамка врз основа на која е изработено законското решение…На крајот сакам да потенцирам дека овој предлог-закон се носи без дебата, без инклузивност и надвор од постапка каква што налага заканот. Не се намалува туку се зголемува бројот на министерствата што ќе ги оптерети граѓаните кои од даноците што ги плаќаат ги финансираат органите на државната управа“,
рече Ковачевски.
Од неговите колеги од СДСМ говореше и Венко Филипче според кого главното прашање е зошто овој закон се носи по скратена постапка.
„Сметам дека и јавноста, граѓаните и експертската јавност треба да биде вклучена во анализа, во споделување мислења, а понатаму доколку се утврди дека ова навистина носи поголема ефикасност да се донесе во редовна постапка“,
рече Филипче.
Фатмир Битиќи, кој претходно го критикуваше предлог-законот при расправата во Комисијата за политички систем во своето обраќање на пленарната седница рече дека „ова е владеењето на правото кое ќе го гледаме во наредните четири години“.
Како и Ковачевски пред него и тој кажа оти смета дека зад овој закон се крие политичка мотивација.
„Повеќе личи на алатка за политичка агенда, отколку за подобрување на државната управа. Воден е од потребата да се задоволат политичките партнери“,
кажа Битиќи.
Предлог-законското решение жестоко го критикуваа и пратениците на Левица, Реџеп Исмаил и Борислав Крмов.
„Не знам како новото владино мнозинство мислеше дека мракот на ноќта ќе ги скрие нивните злокобни намери да прошверцуваат еден ваков закон. Без консултации со јавноста шверцерски сакаат да го протуркаат овој закон кој личи на тумор кој го јаде своето тело“,
рече Исмаил.
Неговиот колега пратеник и сопартиец Борислав Крмов рече дека новото мнозинство ги прави истите работи за кои претходно го критикуваа поранешниот претседател на Собранието, Талат Џафери додека беа во опозиција.
Завршувајќи го својот говор тој побара уште една пауза од еден час, по која Собранието доцна во ноќта продолжи со седницата.
Претходно вчера со мнозинство од 74 гласа „за“, 24 „против“ и ниту еден „воздржан“, пратениците на пленарна седница одобрија предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа, чиј предлагач е пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на нова влада, Христијан Мицкоски, да се носи по скратена постапка.
Пред почетокот на полноќната расправа, од ВМРО-ДПМНЕ преку писмено соопштение информираа дека во текот на вчерашниот ден се одржала средба меѓу претставници на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Европски фронт“, на која од страна на коалицијата предводена од ДУИ била изразена поддршка за предлог-законот и дека ќе гласаат за негово усвојување.
За да биде донесен Законот потребно е двотретинско мнозинство, односно за него треба да гласаат 80 од вкупно 120 пратеници во законодавниот дом.