Еден човечки гест не ја загрозува секуларноста на државата, велат од „Вреди“ за молитвата во Собранието

Коалицијата „Вреди“ смета дека молитвата во Собранието за жртвите од Сребреница е само човечки гест. Се правдаат дека таа не се одржала на редовна седница, туку се користела собраниската сала за настан на кој им се оддаде почит на убиените во геноцидот.

„Дефиницијата за секуларноста е многу точно изразена и се знае на што се однесува. Тоа е кога директно религијата се наметнува врз политиките на државата. Но, еден човечки гест не мислам дека ја загрозува секуларноста на оваа држава“, изјави денеска Фари Хисени од „Вреди“.

Вчера во Собранието се одбележа 11 Јули – Денот на сеќавање на геноцидот во Сребреница што предизвика лавина реакции со обвинувања дека собранискиот спикер Африм Гаши и останатите учесници на настанот ја прекршиле секуларноста на државата бидејќи изведувале верски обред – молитва.

Од вчерашниот настан во Собранието на кој се одбележа Денот на сеќавање на геноцидот во Сребреница
Од опозицискиот СДСМ реагираа дека на верските обреди не им е местото во македонското Собрание, ниту во која било државна институција.

Оти Собранието не е и не смее да биде место за организирање на какви било религиски обреди, вчера порачаа и од движењето ЗНАМ, кое е дел од владејачката коалиција.

Од политичката партија Левица најавија дека поради настанот ќе поднесат интерпелација за претседателот на Собранието, Африм Гаши. Сметаат дека Гаши иницирал религиски обред- молитва во парламентот со што е прекршен Уставот.

Ексминистерот за правда и актуелен потпретседател на Алијанса за Албанците (АА), Кренар Лога вчера изрази поддршка за настанот во Собранието велејќи дека на секој камен-темелник има по еден свештеник, а сега се реагира зошто била направена муслиманска молитва во Собранието и додаде – или држава за сите или за никој.

Молкот или молитвата за жртвите на Сребреница на коишто повикав се гест на почит, а не религиозен ритуал – напиша на Фејсбук претставничката на невладината организација „Диванхана“, Мерсиха Смаиловиќ која беше еден од модераторите на вчерашниот настан.

Пронајдете не на следниве мрежи: