Радев: Бугарија очекува желбата за дијалог на Сиљановска да стане конзистентна политика на Владата на РМ

Бугарија очекува искажаната желба за дијалог и разбирање од страна на претседателката Гордана Сиљановска да стане конзистентна политика на Владата на Република Македонија. Ова е ставот на шефот на државата Румен Радев, кој денеска во претседателската институција оствари средба со претседателката на РМ

-Претседателот на нашиот југозападен сосед е во Бугарија по повод посетата на Националната опера и балет на РСМ, која во Софија ќе ја претстави операта „Набуко“ од Џузепе Верди. На средбата, претседателот Радев истакна дека дијалогот на највисоко ниво меѓу двете земји треба да биде активен и да ја стимулира работата на владите, бизнисите, како и билатералната размена во областа на образованието, науката и културата, стои во соопштението објавено попладнево од кабинетот на бугарскиот претседател Радев.

Во него се додава дека Бугарија отсекогаш била отворена за дијалог со Република Македонија и очекува таа не само да помогне во билатералното културно зближување и економската соработка, туку и преку неа да постигне решение за отворените прашања во нашите односи.

– За нив мора да се одлучува врз основа на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, протоколите потпишани кон него и Заклучоците на Европскиот совет од летото 2022 година, усвоени едногласно од сите земји-членки на ЕУ и со согласност на РМ, нагласи Румен Радев.

Шефот на бугарската држава додал дека ова е начин да се отвори преговарачкиот процес за целосна европска интеграција на нашиот сосед во интерес на младите во земјата, а тоа ќе биде позитивен знак за целиот регион.

Бугарскиот претседател Радев повикал и на многу поактивни заеднички напори од страна на Бугарија и РМ за изградба на транспортниот коридор 8, кој е од клучно значење за поврзаноста и безбедноста во Југоисточна Европа и ќе создаде квалитативно нови услови за бизнис, туризам и за поттикнување на инвестиции во регионален план, соопштија од неговиот кабинет..

Пронајдете не на следниве мрежи: