Судски процес против Тотал ТВ и Тасев – одговараат за пиратерија

Никола Тасев повторно седна во обвинителната клупа, овој пат тој и компанијата каде што до пред два месеци беше управител Тотал ТВ, кривично се гонат поради незаконско реемитување на програмата на Канал 5 повеќе од година и половина, со што ги повредил авторските и сродни права. Рочиштето започна, но веднаш и се одложи од процесни причини, бидејќи не биле уредно доставени доказите на увид на одбранта, како што посочи судијката Ана Давчевска. Сепак, според директорот на Канал 5 добро е што конечно обвинителството оформи обвинение за полека да се застане на патот на пиратеријата која е метастазирана во земјава.

-Ова е можеби еден мал чекор за обвинителството во Скопје, но голем чекор за правдата и за сите оние кои што сме оштетени од страна на луѓето кои што јас љубам да ги наречам телевизиски пирати. Денеска сме сведоци дека после голем број на години борба со јавното обвинителство, јавното обвинителство конечно прифати да напише обвинителен акт, виза ви правното и физичкото лице кое што направи сериозна штета на Канал 5.- -Иван Мирчевски – Директор на Канал 5.

Обвинителката Елена Жакула денеска не сакаше да даде изјави со образложение дека процесот допрва започнува, додека пак адвокатот на Канал 5 – Даниел Ѓорѓиевски, како и директорот Мирчевски, очекува согласно доставените докази да има осудителна пресуда, како за Тасев, така и за Тотал ТВ.

Се надевам дека судот ќе ги земе во предвид сите докази кои што обвинителството ги достави и дека на крајот ќе донесе одлука со која ќе започне борбата против пиратеријата. Авторските права, интелектуалните права се врвот на она што како поединци го имаме и затоа сметам дека тоа треба да биде приоритет и на институциите во постапувањето.

Екипата на Канал 5 побара изјава за процесот и од Тасев, но тој одби со образложение дека тоа ќе го стори подоцна, бидејќи истиот е на самиот почеток.

Следното рочиште е закажано за точно еден месец, на 24 октомври. Според законот, за ова кривично дело се предвидува затворска казна од една до пет години.

Извор: Канал 5

Пронајдете не на следниве мрежи: