Авион со 40 тони итна медицинска помош од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) слета денеска во Либан, соопшти претставник на либанското Министерство за здравство.
Помошта е доставена како дел од хуманитарната кампања „ОАЕ стојат со Либан“, која Емиратите ја започнаа денеска како знак на поддршка за Либан, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на ОАЕ, пренесе Си-Ен-Ен.
„Авионот за медицинска помош ги одразува хуманитарните напори и посветеноста што ОАЕ ги преземаат за поддршка на народот на Либан и ги покажува блиските братски односи меѓу двете нации, особено во поглед на таквите неволји“, соопшти Министерството за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати.
Како што додаваат, ОАЕ ќе му испратат на Либан помош во вредност од 100 милиони долари. Во соопштението се наведува и дека Обединетите Арапски Емирати претходно изразиле длабока загриженост за растечката ескалација во Либан, како и за последиците што ова опасно проширување на конфликтот ќе ги има врз регионалната стабилност.
Потегот на Обединетите Арапски Емирати уследи откако американскиот државен секретар Ентони Блинкен вчера најави американска хуманитарна помош во вредност од речиси 157 милиони долари за поддршка на населението погодено од конфликтот во Либан и регионот.
Според податоците на либанскиот кризен центар, во последните недели во Либан се раселени дури милион луѓе откако Израел ја засили својата воена кампања против либанското движење Хезболах. Оваа бројка вклучува повеќе од 200.000 луѓе, главно Либанци и Сиријци, кои побегнале преку границата во Сирија, според податоците на Обединетите нации.