Левица: Филков должи одговор за помилувањата на наркобосови – Министерот тврди дека Правда дала негативно мислење

Одлуката за помилување на прочуени криминалци докажува дека Силјановска, ДПМНЕ и ЗНАМ ја продолжуваат праксата на Пендаровски и СДС. Во само една година, втор пат се помилува член на криминалната група Барон, првиот пат од СДС, а потоа од ДПМНЕ, велат од Левица.

– Одговорност не смее да избегне ниту министерот за правда од ЗНАМ, Филков, кој на јавноста и затворениците коишто оправдано чекаат слобода е должен да им објасни какви предлози, односно олеснувачки околности за македонското подземје доставил до претседателката Силјановска. Филков од ЗНАМ е должен да каже и дали согласно Законот за помилување, можеби, тој самиот, по службена должност, ја повел постапката за помилување.

Изјавата на Силјановска и нејзиниот обид за амнестирање од скандалозното помилување, го цениме како крајно комично и недолично. Целосното префрлање вина на Комисијата за помилување и непреземањe никаква одговорност е апсурдно, имајќи предвид дека Комисијата не е ниту уставна, ниту пак законска категорија, односно помилувањето е во пресудна надлежност на Претседателот на Републиката.

Истоветноста на ДПМНЕ и СДС не е само во однос на принципот за ослободување на најеклатантниот криминал, туку и во членовите на Комисијата за помилување. Имено, на Зора Митиќ (којашто е актуелен член на Комисијата составена од Силјановска, а била член на Комисијата и за време на мандатот на Пендаровски) ова ѝ е втор пат да ослободува членови на картелот „Барон“.

Оттука бараме членовите на Комисијата за помилување: Методија Каневчев, Гордан Калајџиев, Арлинда Кадри Шахиновиќ, Зора Митиќ, Ана Ѓорѓиева Ивановска и Ајтен Шаќири – јавно да го произнесат нивното мислење за помилуваните осуденици.

Јасно е дека со ваквата скандалозна одлука за помилување, ДПМНЕ и ЗНАМ, на чело со Силјановска, следејќи ја погубната политика на СДС, повторно отстапија од суштината на институтот „Помилување“. Додека затворите се полни со неправедно осудени, луѓе кои лежат туѓи злосторства, затвореници за престапи поради сиромаштија, украдени ќебапи и продавање марули – и оваа политичка гарнитура докажа дека и слободата се купува со пари, велат од Левица.

Министерот за правда Филков денеска истакна дека Министерството дало негативно мислење за помилувањето.

Пронајдете не на следниве мрежи: