Официјално: Костадинов извести дека Струмица ја напушта ЗЕЛС

Градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов, денеска официјално го извести претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски дека Струмица ја напушта Заедницата на единици на локалната самоуправа.

– Почитуван г. Ѓорѓиевски

Од мое лично име и од името на Општина Струмица, Ве известувам дека од денеска (24.10.2024 година) се откажуваме од членството во Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС).

Напуштањето на ЗЕЛС е во знак на револт заради индиферентниот однос кон Струмица и нејзините граѓани во периодот кога тие се соочуваат со еден од најголемите предизвици – водата за пиење, којашто претставува основен елемент на живот, но и заради истиот однос по одбивањето на Владата на единствениот проект од Струмица за реализација со средства од унгарскиот кредит. Општина Струмица како институција не е удостоена со ниедна писмена одлука од Владата и нејзините институции, за нив дознаваме од медиумите. Заради сето ова, го напуштаме ЗЕЛС, а членството ќе важи исклучиво за законските ингеренции на ЗЕЛС во однос на системите на општините, за се друго сме надвор од ЗЕЛС.

Исто така, Ве известувам дека си поднесувам неотповиклива оставка од функцијата член на Управниот одбор на ЗЕЛС, стои во известувањето кое Општина Струмица го сподели и со медиумите.

Напуштањето на ЗЕЛС следува од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) вчера информираше дека водата од струмичкиот водоснабдителен систем и натаму е забранета за пиење, иако градоначалникот Костадин Костадинов тврди дека таа е исправна и во хемиско-физичкиот состав и микробиолошки. Препукувањето за тоа дали водата е исправна за пиење или не, трае веќе три недели кога од АХВ соопштија дека таа е неисправна поради зголемено присуство на минералот манган, кој е витален за човечкиот организам, но во многу мали дози.

Најава за излегување од ЗЕЛС вчеравечер најави и градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски во гостување во „Тешки муабети“ на Инфомакс

– Ќе излеземе од ЗЕЛС па нека си прават партиска журка, истакна Јакимовски како коментар на излегувањето на Струмица од ЗЕЛС.

Пронајдете не на следниве мрежи: