Значајни археолошки артефакти се пронајдени во близина на охридското село Волино. Порталот „Охрид 1“ објави дека во моментов локацијата, која е на приватен имот, е целосно затворена и видни археолози од земјава се на терен.
Истиот извор јавува дека е пронајдена златна маска, златници и други значајни предмети. Археолозите се со првичен став дека кога ќе се истражи целиот потег, ќе се пронајдат уште многу артефакти.
Најавено е дека утре, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, утре во просториите на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид ќе се обрати на прес-конференција по повод најновите ексклузивни откритија во близина на Волино.
На прес-конференцијата, на која ќе бидат изложени ексклузивно сите пронајдоци, ќе присуствуваат и директорите на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид и на Археолошкиот музеј од Скопје, Горан Патчев и Славица Бабамова, како и археологот Перо Арџанлиев со дел од тимот археолози.