Со испитување на сведоци на предлог на Јавното обвинителство во Основниот кривичен суд Скопје денеска во 10 часот продолжи судењето за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.
Пред малку пред судот сведочеше бабата на Вања и мајка на Александар Ѓорчевски.
Иванка Ѓорчевска – мајка на Александар Ѓорчевски
Обвинителство
О – Од кога Александар Ѓорчевски живееше со Вас во станот?
И – Александар живееше со мене, а после разводот со сопругата пак се врати 2018 година
О – работеше ли Александар Ѓорчевски кога се случи настанот?
И – Работеше, меѓутоа една година паузираше имаше проблеми на рбаота, инаку има 20 години стаж
О – Во периодот од 2008 до 2016 година каде работеше?
И – Да, во Кометал
О – Во тој период работеше и Зорица?
И – Да
О- Кој ги чуваше децата?
И- Сашко
О – Од што се издржуваше додека не работеше?
И – ние сме фамилија, си помагаме
О – колкава пензија земавте?
И – Не висока, околу 20.000, но имав внуци, ќерка, бившиот сопруг ми помагаше така да во материјална криза никогаш не сме биле
О – Имаше ли Александар долгови?
И – не
О – имаше ли проблеми со зависност?
И – тоа пред 20 години, зависност од дрога, но тоа е завршено успешно, беше краток период и сега е се во ред веќе 30 години
О – Каде беше Александар на 27 ноември 2023 година?
И – се сеќавам телефонот заѕвони, реков со кого разговараш, рече ми се јави Зорица Вања ја нема, се облече и истрча
О – што ви кажа после тоа?
И – јас чекав, кај 9 го побарав, рече пријавивме во полиција, но Вања сама не би избегала, почнаа веќе да ни се вртат мисли, јас како баба помислив на најлоши работи, дај Боже да не беа вистина, дека е киднапирана или за органи или за проституција
О – ве известуваше Александар што преземаат?
И – не, беше кај Зорица цело време, одвреме-навреме ќе се јавеше
О – Гоце Трајковски дали го познавате, дали се познаваше Александар со него?
И – Сашко му беше кум на Гоце ама долг период не контактираа
О – Се познавате ли со Палевски?
И – не, не се познаваме
О – во вашиот дом било ли спомнувано неговото име?
И – никогаш не било спомнувано