Ранѓеловиќ: Трамп им даде легитимитет на десничарските партии

Антиестаблишменскиот сентимент кој го има насекаде во светот, со победата на Доналд Трамп доби потврда за своето постоење, па сега сите десничарски партии во Европа многу самоуверено ќе можат да продолжат да делуваат во политичката борба, смета политикологот Иво Ранѓеловиќ.

– Со победата на Трамп, пред сè десничарските партии го зацврстија, односно го верифицираа, го афирмираа своето постоење и суштина зошто се тука. Всушност, она што ги спојува Трамп и десничарските или ултрадесничарските партии во Европа не е љубовта или заедничката идеологија, туку токму ова дека едни со други се надополнуваат за да се верифицира нивното постоење и дејствување – вели Ранѓеловиќ.

Ранѓеловиќ смета дека е легитимен начинот на кој наредниот американски претседател посакува да ја заврши војната во Украина, иако тоа можеби нема да им се допадне на европските сојузници.

– Трамп се обидува да сруши цела една ерхитектура на американска надворешна политика, но прашање е што ќе понуди како алтернатива. Неговото мото „направете ја Америка повторно голема“, е во ред, но е за неговиот двор, но што правите со остатокот од светот, бидејќи за Америка да тоа што е денес, зависела од целиот свет. Затоа и направила таква политичка архитектура, односно владеела со светот. Без таква архитектура, САД не можат да бидат таква држава. Доколку дозволите вакуум во геополитиката, тогаш ви е загрозена безбедноста – додава полтикологот.

За Европската Унија, тој вели дека „за жал, од економски проект, ЕУ прерасна во политички циркус. Во геополитиката најбитна е географијата. Европа има поволна географска положба, но не успеа да се консолидира и да прерасне во геополитички фактор.

За тоа дека во Македонија голем број на граѓани ја прославија победата на Трамп, Ранѓеловиќ вели дека симптомот е ист, односно како и во САД и кај нас средната класа се топи и јазот меѓу богатите и сиромашните се продлабочува, па затоа така се реагира на неговиот изборен триумф.

– Сметам дека токму некој како Трамп и нековата неконвенционалност и антиестаблишменсткиот сентимент го храни просечниот Македонец и му дава надеж дека ако сега некој го промени тоа што него му пречи во САД, има шанси тоа да биде променето и во Македонија – додава Ранѓеловиќ.

За самата предизборна борба и убедливата победа на Трамп во трката со Камала Харис, тој смета дека за тоа најбитен е непосредниот израз на кандидатите.

– Доналд Трамп е една рефлексија на неконвенционално водење на политиката, а американскиот гласач секогаш барал промена на изборите, нешто што овој пат недостасуваше во понудата на демократите. Камала Харис нудеше континуитет на статус кво, а дури не беше ниту лик што инспирира многу – додава тој.

Извор: Слободен Печат

Пронајдете не на следниве мрежи: