Во Скопје се одржува настан на ОБСЕ против насилство врз млади жени и девојки

  Настан на ОБСЕ против насилство врз млади жени и девојки се одржува попладнево во главниот град на државава. Станува збор за настан во рамки на 16 дена активизам против родово-засновано насилство.
Министерката за образование Весна Јаневска пред присутните истакна дека насилството и училиштето не одат заедно. Таа информираше дека петнаесетина пријави за насилство пристигнале до Министерството од почетокот на новата учебна година.
– Секое дете има право на живот без насилство, обврзува Конвенцијата за правата на детето. Со повеќе, пак, други меѓународни документи се гарантирани правата на жената на живот, лична сигурност, на образование и достоинство, на почитување на нејзиниот физички и морален интегритет. Нашето образование се темели на овие постулати. Насилството и училиштето не одат заедно. Како Министерство, посветени сме да ги заштитиме децата и младите, да негуваме безбедна и поддржувачка средина, каде што ќе можат да растат, учат и да напредуваат, нагласи министерката.
Јаневска истакна дека системот на воспитување и образование има воспоставено механизми за спречување и справување со насиство, вклучително и насилство врз девојчињата и девојки.
– Првиот механизам е преку регулативата, што сега е предмет на ревизија, со цел да зајакнеме повеќе сегменти, меѓу кои и заштитата од секакви форми на дискриминација и насилство. Гледано системски, местото на наставникот е клучно во сите активности насочени кон спречување и заштита од дискриминација и насилство. Затоа што тој низ воспитно – образовниот процес ја всадува кај децата и младите, свеста дека никој не смее да биде жртва на насилство, а доколку се случи, за насилството не треба да се молчи. Наставниците минуваат бројни обуки за нивна професионална надградба, меѓу кои и за превенирање на родово базирано насилство. Втората инстанца е стручната служба во училиштето, а понатаму може да се вклучи и Педагошката служба при Министерството, подвлече Јаневска.
Таа кажа дека како Министерство, ги охрабруваат сите ученици и ученички да пријавуваат насилство во каква било форма и тоа го правеле на електронската адреса [email protected], директно во Педагошката служба или во Државниот просветен инспекторат. Петнаесетина такви пријави имало од почетокот на учебната година и по сите било постапено соодветно.
– Во контекст на превенирање несакани однесувања, меѓу кои е и насилството врз девојчињата и младите жени, Министерството редовно комуницира со сите училишта, а уште на самиот старт на годината, дадовме јасни насоки да се организираат повеќе активности наменети за подигање на свеста за важноста од градење мирни и хармонични училишни заедници. Меѓусебното разбирање, почит и емпатија се темелите на таквата средина и тие се вредности што сакаме да ги всадиме кај нашите млади луѓе уште од рана возраст, додаде Јаневска.
Таа се осврна и на тоа дека Министерството спроведувало мерки и активности, не само за да ги заштити девојчињата од насилство, туку и за нивна поголема вклученост во повеќе аспекти и сегменти на образовниот систем.
– На пример, поддржуваме доделување стипендии за поголема вклученост на девојките во СТЕМ областите. Ученичките и студентките добиваат бод плус при аплицирање за стипендиите на МОН, доколку поголема конкуренција се момчињата. А, ќе го издвојам и учеството во Програмата за стипендии „Мари Склодовска – Кири“ на Меѓунароната агенција за атомска енергија, што ги охрабрува младите жени да продолжат со својата кариера во нуклеарната наука и технологија, нуклеарната безбедност и неширење на нуклеарното оружје. Се разбира, секој систем може да биде подобар и поефективен и токму тука е важноста на ваквите настани и кампањите, што ги лоцираат можностите за подигнување на нивото на институционален одговор на предизвиците, истакна министерката и се заблагодари на Мисијата на ОБСЕ за поддршката што ја добиваат од нив.
Претседателката на државава, Гордана Сиљановска – Давкова рече дека мора да посочуваме и да спроведуваме еднаквост. Таа истакна дека мора да се промовира не насилство уште од рана возраст. Иако, како што додаде таа, опкружени сме со страшни насилства.
– Мирот треба да го поттикнуваме. Џабе ни се сите гарантирани човекови права, ако живееме во немир. Во немир се парализирате. Не можете да размислувате. На сите им треба мир. Да не се чувствуваат загрозени, оти тогаш не може да си ги изразат квалитетите што ги имаат, посочи Сиљановска – Давкова.
Следуваше дебата, по што е предвидено потпишување на декларација на намери, како што беше појаснето, со што ќе се отслика јавната заложба за борба против насилство врз млади жени и девојки.
– Декларацијата задава десет акциски точки со конкретни мерки што Мисијата на ОБСЕ во Скопје ќе ги поддржи во 2025 година. Помеѓу учесниците кои ќе се поканат да ја потпишат изјавата, се претседателката на Северна Македонија, министерката за образование, претставници на локални училишта, младински организации и НВО активни во борбата за ставање крај на насилството врз жените, најавија организаторите.
Видео обраќање имаше и шефот на Мисијата на ОБСЕ, амбасадорот Килијан Вал, кој бил спречен да присуствува на настанот. Присутна беше заменичката на шефот на Мисијата на ОБСЕ, Сузан Пенкса, која модерираше сесија.

Пронајдете не на следниве мрежи: