Вучиќ за Би-би-си: Србија води независна политика, а целта ѝ е полноправно членство во ЕУ

Србија води независна политика, сака добри односи со соседите, а стратегиска цел е да стане полноправна членка на Европската Унија, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ во интервју за емисијата „Хардток“ на британскиот јавен сервис Би-би-си.

„Ќе ги направиме сите потребни реформи. Ќе ги забрзаме сите процеси и ќе дадеме сè од себе да ги завршиме до крајот на 2026 година. Тоа не значи дека ќе бидеме дел од ЕУ во 2027 или 2028 година. Тоа ќе го оставиме на земјите од ЕУ. Но, нема и да кажеме ништо лошо за нашите партнери од истокот, бидејќи со тие земји имаме добри односи“, рече Вучиќ во интервјуто со водителот Стивен Сакур.

Посочи дека неговиот фокус е на економските реформи, на иднината и дека сака да има нормален однос со земјите од регионот.

На прашање на водителот за односите меѓу Србија и Русија, односно дека енергетските врски меѓу земјите се продлабочиле по Путиновата инвазија врз Украина, српскиот претседател рече дека сега трговската размена меѓу Србија и Русија е двојна помала од претходно.

„Вие зборувате за енергетска зависност, а ние се обидуваме и даваме се од себе да ја диверзифицираме и затоа го изградивме интерконекторот меѓу Србија и Бугарија. Затоа почнавме не само да преговараме, туку и да купуваме гас од Азербејџан, но сепак и понатаму добиваме значителни количини гас од Русија“, вели српскиот претседател.

На констатација на новинарот дека тоа е точно, но оти Србија одбила да воведе санкции кон Русија, иако тоа го направила Европската Унија, од која сакаат да бидат дел, Вучиќ посочи дека Србија сама одлучува за тоа.

„Не е така. Седам само на српски стол и сум горд на тоа. Како што можете да видите, имам едно столче. Немам две столчиња. А нашето столче значи дека самите одлучуваме. Тоа значи дека ја поддржуваме Украина кога станува збор за хуманитарна и финансиска помош“, кажа тој.

Во последните две и пол години рече дека еднаш разговарал со рускиот претседател Владимир Путин, кога тој телефонски му ја честитал 80-годипнината од ослободувањето на Белград.

Прашан за масакрот во Сребреница за време на војната во 1995 година, како и за иницијативата тоа злосторство во Обединетите нации да се дефинира како геноцид, посочи дека никој не го негира тоа што се случило во Сребреница.

„Секогаш сум бил подготвен да признам дека таму се случи страшен масакр“, рече Вучиќ.

Потсети дека бил таму, ја наведнал главата да им оддаде почит на жртвите, но дека и тогаш бил нападнат.

Смета дека класификацијата во ОН тој масакр да биде прогласен за геноцид е иницирана од Германците и Бошњаците како политичка иницијатива.

Одговарајќи на прашањето дека во ЕУ гледаат значи на непочитување на основните човекови права во Србија, како што се слободата на медиумите и независното судство и дека сметаат оти ЕУ на тој начин се оддалечува во ЕУ, Вучиќ вели дека во последниот извештај на Европската комисија се наведува дека Србија постигнала ограничен напредок.

„Велат дека сме постигнале некој напредок. Ограничен. Но, ограничен напредок не значи и назадување. Но, се согласувам дека постојат илјадници работи што ни се потребни, на кои работиме и ги менуваме“, кажа тој.

Според него, Србија тесно соработува со ОДИХР за подобрување на регулативите во однос на изборните процеси и други работи.

„Во тој извештај на ЕУ видовте дека економијата на Србија оди совршено. Но, не ве интересираше тоа да го кажете“, рече српскиот претседател.

Посочи дека Србија е една од двете или трите земји со највисока стапка на економски раст во цела Европа, дека Србија учествува со 50 отсто од вкупниот БДП на Западен Балкан и со 64 отсто од вкупната атрактивност на странски директни инвестиции во Западен Балкан.

Задоволен е од економскиот развој и додаде дека е фокусиран на економските реформи во иднина.

На прашањето дека најочигледен извор на тензии во регионот се односите меѓу Белград и Приштина и дали постои опасност од нова војна, Вучиќ рече дека во процесот на нормализирање на односите не било побарано де факто признавање на независноста на т.н. Косово и дека „такво нешто никаде ниту било напишано ниту кажано“.

Пронајдете не на следниве мрежи: