Зошто вработен во Министерство ќе зема 105.000 плата, а текстилните работници 22.000?

Зошто вработен во Министерство ќе зема 105.000 плата, а текстилните работници 22.000, наставник околу 30.000 денари и лекар околу 50.000 денари? На ова прашање на Инфомакс проба да одговори портпаролката на Владата, меѓутоа на крај не даде логичен одговор.

– Платите претпоставувам се утврдени со закон, истакна Митева, иако зголемувањето е согласно Буџетот кој го предлагаат Владата и Министерството за финансии.

Владата вели дека ќе го зголеми животниот стандард, истакна Митева, но не одговори на прашањето зошто зголемувањето на платите не почнува од текстилството на пример, туку од вработени во Влада и министерства.

На крај, портпаролката кажа дека не знае дали и колку ќе се зголеми нејзината плата.

Според предлог буџетот, 359 вработени ќе имаат просечна бруто плата од 137.226 денари (2.231 евра) во 2025-тата година. Во бруто платата, покрај платата која ја добива вработениот, влегуваат и придонесите за здравствено, за пензиско осигурување и додаток за вработување. Според калкулаторот на плата на веб сајтот ie.mk тоа значи дека просечната нето-плата во влада ќе биде 89.877 денари или речиси 1.500 евра.

Во 2024-тата, просечна бруто плата на оваа категорија, вработени во владата изнесувала 90.488 денари (нето 59.590 денари). Бруто плата за една година во владата има пораст од 46.738 денари и согласно бројките објавени во предлог буџетот е второ по големина покачување во државниот ресор. Иако има огромен пораст, просечната бруто плата во владата не е најголема во државата меѓу вработените во државно.

На врвот се вработените во новоформираното министерство за енергетика каде министерка е Сања Божиновска. Според предлог-буџетот, платите во Министерството за енергетика – бруто просечна плата е 161.533 денари (2.627 евра). Како нето просечна плата, калкулаторот покажува дека вработените во енергетика ќе земаат 105.628 денари (1.717 евра).

На второ место е просечната бруто плата во Советот на јавни обвинители кои оваа 2024-та година беа лидери. Членовите и вработените во во Советот на јавни обвинители на РСМ догодина ќе земаат просечно 147.703 денари (во 2004-та -145.520 денари). Во евра просечната бруто плата во Советот на јавни обвинители е 2.402 евра, а нето просечна плата во 2025-та во оваа институција ќе биде 96.665 денари (1.572 евра).

Дури на третото место се вработените во владата каде спаѓаат и членовите на кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски, како и националните координатори.

Новиот предлог буџет открива и дека Собранието кое по просечна бруто плата беше на второ место во оваа 2024-та година, наредната година ќе падне за две позиции на 4-тото место со 134.078 денари (намалување за 892 денари од овогодинешните 134.970).

Помали плати има и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија преку која се плаќаат и амбасадорите и конзуларните претставници. Во МНР, во 2025-та, бруто просечната плата ќе биде 130.654 денари. Повисока е за околу 50 евра од бруто платата во просек за секој вработен исплатена во 2024-та година.

Иако не се врвот, сепак најголемо зголемување на бруто просечна плата, и процентуално и во сума бележат вработените во Дирекцијата за ТИРЗ (Технолошки и развојни зони, односно слободните економски зони). Во 2024-та, брутото им било едвај нешто над илјада евра (61.905 денари), а за 2025-та, според предлог-буџетот е планирано зголемување од веќе митски познатите 78%.

Во денари, зголемувањето на бруто просечната плата за вработените во Дирекцијата на ТИРЗ е 48.210 денари и во 2025-та треба да земаат по 110.115 денари бруто просечна плата. Во ТИРЗ догодина ќе работат 78 луѓе и ќе имаат поголеми плати за 78%.

Пронајдете не на следниве мрежи: