Гуриј и Самон беа угледни едески граѓани. За време на едно гонење на христијаните се засолнија надвор од градот и живееја во пост и во молитва, храбрејќи ги правоверните коишто ним им притекнуваа за совет. Но, ги фатија и ги изведоа пред судијата. Судијата им се закани со смрт ако не ѝ се покорат на царската наредба за поклонување на идолите. Светите Христови маченици му одговорија: „Ако ѝ се покориме на царската наредба ќе пропаднеме дури и ако ти не нè убиеш“. После многу мачења беа фрлени во затвор. Тогаш повторно ги изведоа и ги мачеа, па бидејќи останаа непоколебливи во Христовата вера, беа осудени на смрт и убиени со меч во 322 година, за време на свирепиот цар Ликиниј. Подоцна и едескиот ѓакон Авив прими маки за својот Господ Исус Христос и го предаде духот свој во оган. Мајка му го извади целото негово тело од огнот и го погреба во гроб заедно со светите Гуриј и Самон. Кога престана гонењето, христијаните подигнаа храм во чест на тројцата маченици Гуриј, Самон и Авив и ги положија нивните чудотворни мошти во еден ковчег.