Почина генерал-мајор Ѓорѓи Бојаџиев, поранешен началник на Генералштабот на Армијата

По кратко боледување, вчера, на 74-годишна возраст, почина пензионираниот генерал-мајор Ѓорѓи Бојаџиев, поранешен началник на Генералштабот на Армијата.

Бојаџиев е роден 31 март 1950 година во Ново Село, Струмица. Завршил гимназија во 1969 година, а потоа своето образование го продолжил на Воената академија на Копнената војска на ЈНА и ја завршил во 1973 година. Командно-штабна академија завршил како припадник на АРМ во 1995 година, а највисокиот степен на воено образование – Школо за национална одбрана – завршил во Франција во 2001 година.

Генералот Бојаџиев во текот на својата воена кариера до пензионирањето во 2005 година извршувал повеќе високи должности во Армијата – како командант на моторизирана бригада, командант на дивизија, началник на управата за операции, готовност и обука во Генералштабот, командант на гранична бригада, а во период од 2004 до 2005 година и највисоката должност началник на Генералштабот на Армијата.

Во текот на својата кариера повеќепати добивал награди и признанија како заслуга за својата беспрекорна посветеност и залагање во армиската служба, пред сè, во унапредувањето и усовршувањето на Армијата и армиските процеси, меѓу кои е одликуван и со Медал за воени заслуги и Орден за воени заслуги со сребрени мечеви.

Генералот Ѓорѓи Бојаџиев ќе биде погребан со воени почести денес на Градските гробишта во Штип во 14 часот, а посмртните останки ќе бидат изложени во капелата од 13 до 14 часот.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.