Социлајдемократскиот сојуз бара од министерот за здравство Арбен Таравари да си поднесе оставка, поради како што велат од партијата, трагичните податоци за смртноста на деца во изминатите шест месеци.
„Трагичните податоци за смртноста на деца во изминатите шест месеци ја шокираа јавноста а Мицкоски и ДПМНЕ мува не ги лази. Во втората половина на 2024 година, животот го загубиле 19 бебиња и едно петгодишно девојче. Овие бројки се застрашувачки и отвораат прашања кои бараат итни одговори: каде затајува системот, како се направени пропустите и дали постои прикривање на лекарски грешки? Последниот случај со смртта на седуммесечно бебе на Клиниката за детски болести е алармантен. Бебето било одбиено за хоспитализација без никакво образложение – втор ваков трагичен случај во само два и пол месеци. Овие трагедии не смеат да се игнорираат! Министре Таравари, директоре Мемеди, време е да преземете одговорност. СДСМ инсистира на темелна истрага, целосна транспарентност и итно преземање мерки за спречување на ваквите трагедии. Во време на СДСМ, преку конкретни мерки и инвестиции, смртноста кај новороденчињата беше значително намалена. Неонаталната смртност беше намалена петкратно, а перинаталната за повеќе од двојно. Инвестирано беше во модерна опрема и стручен кадар. Сега, под актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ, здравствениот систем се враќа во состојбата од времето на нивното претходно владеење. Животот на децата и здравјето на граѓаните не смеат да бидат колатерална штета на неспособноста и неодговорноста на оваа власт. Го повикуваме Министерството за здравство и сите надлежни институции да преземат итни мерки за заштита на здравјето на децата а министерот Таравари да си поднесе оставка“, велат од СДСМ.