Обвинителство: До овој момент не се пронајдени докази за финансиски малверзации кај Крмзов

По наводите во медиумите дека обвинителеството како намерно да подготвува простор за бегство на струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов, кој важи за близок до семејството Заеви, се огласија од Обвинителството за организиран криминал и корупција.

Оттаму велат дека наводите во медиумите за утврдените штети и докази за финансиски малверзации на Крмзов се неточни неосновани.

Велат дека вчера околу 17 часот службите на УЈП за првпат доставиле официјално дел од документацијата која предметниот обвинител ја побарал, со што делумно е постапено по наредбите и барањата на обвинителството.

Доказниот материјал, додаваат дека допрва треба да биде предмет на анализа и на утврдување на евентуално предизвиканите штети.

„Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапувајќи во рамките на предистражната постапка, во септември минатата година, непосредно по отворањето на предметот, достави наредби и барања до УЈП со кои побара доставување на записниците од спроведените контроли на инспекциските служби на Управата во предметните правни лица.

Од септември до вчера, до надлежниот јавен обвинител УЈП достави еден мемориски уред (УСБ) со податоци за извршени контроли во кои во 90 % од спроведените надзори не биле евидентирани недостатоци и за кои според УЈП нема законски основ за преотворање на контролните постапки.

Од сето погоре наведено произлегува дека наводите што се појавија во одредени медиуми за утврдените штети и за докази за финансиски малверзации, се неточни и неосновани. Јавниот обвинител во повеќе наврати бараше забрзување на постапката за прибирање и доставување на бараната документација“ се додава во соопштението.

Исто така се наведува дека од самиот почеток на предистражната постапка, обвинителството во насока на обезбедување присуство и непречено спроведување на постапката, постапило согласно своите надлежности и согласно закон и до Основниот кривичен суд Скопје доставило предлог за определување мерки на претпазливост за лицето за кое станува збор во текстот.

„Судот тогаш го прифати предлогот и на лицето му определи мерки на претпазливост кои сѐ уште се активни – одземена му е патната исправа и истото има обврска да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен орган. До денес предметниот обвинител не е известен од надлежните органи дека лицето не се придржува кон изречените мерки, со што се потврдува дека целиот текст што се појави на еден портал и беше преземен од други медиуми се само инсинуации без факти и докази.

На крајот укажуваме дека јавното обвинителство е максимално транспарентно за постапките кои што ги води и ја информира јавноста во рамките на своите надлежности, почитувајќи ја притоа пресумпцијата на невиност и тајноста на постапките, а со цел вистинито информирање и спречување на шпекулациите кои можат да предизвикаат штета на постапките“ посочуваат од обвинителството.

Инаку, инспекторите на Управата за јавни приходи и на Царинската управа утврдиле најмалку 65 милиони евра штета врз буџетот на Македонија.

Штетите се утврдени записнички, при контроли на десеттина фирми поврзани со Крмзов. Но, како што објави Плусинфо, зачудува фактот што органите на кривичниот прогон смислуваат бирократски пречки и изговори овој богат доказен материјал да не падне во нивни раце. Добро упатен извор за Плусинфо тврди дека ова поведение е крајно сомнително и можеби е обид за прикривање на голем криминал.

Пронајдете не на следниве мрежи: