Драги мои сограѓани и граѓани на македонската држава, чест и задоволство ми е што како претседател на Здружението Мир, слога, стабилност можам да Ви се обратам на овој денешен собир од кој сите ние сакаме да испратиме заедничка порака до сите мирољубиви луѓе, дека никој и ништо неможе да ги наруши меѓусоседските братски односи помеѓу нас Македонците и Србите, изјави Маја Денковска, претседател на Здружението на граѓани Мир, слога, стабилност – Скопје. Мирниот протест се одржа пред Амбасадата на Србија во СКопје.
Притоа таа изјави:
„Повод за овој мирен собир е поддршка на претседателот на Р.Србија, г-динот Александар Вучиќ, човек кој безрезервно ја поддржува политиката на мирот, како во регионот, така и во светот. Човек, политичар, претседател на држава, еден и единствен кој не побара од нас Македонците да го менуваме името на нашата земја, не побара од нас да го менуваме Уставот, не побара од нас да го менуваме сопствениот идентитет и јазик, а што е најважно од се, човек кој не ја оспорува и не плука по нашата историја.
Македонскиот народ нема да ја заборави поддршката и помошта на еден голем човек, на еден голем хуманист, г-динот Александар Вучиќ, кој во екот на пандемијата со Ковид-19, ширум ги отвори вратите на својата држава за нас македонскиот народ и несебично, тој и неговиот српски народ ги сподели вакцините со нас. Да не ја заборавиме помошта околу пожарите, донација на брашно и што уште не. И не побара ништо за возврат. Само мир, слога, стабилност. Само братска љубов, меѓусоседска почит и разбирање. Ете тоа е г-динот Александар Вучиќ, претседателот на братска Србија.
Демократија е грчки збор кој во буквален превод означувa „владеење на народот“, а изборите се дел од демократијата, додека улицата и таканаречените „обоени револуции“ водат кон анархија и безредие.
Драги мои, местото на моите деца, Вашите деца, нашите деца е во училишните клупи, студентските амфитеатри, спортските сали, научно-истражувачките центри… Нивното место не е на улиците, нивното место не е онаму каде што има безредие и темнина… За тоа се бори и нашата претседателка, почитуваната г-ѓа Гордана Силјановска Давкова, како угледен професор и интелектуалец на оваа држава, за тоа се бори и г-динот Александар Вучиќ. Се борат за подобра иднина на наште деца, бидејќи тие се нашата светлост, нашата иднина.
Голема благодарност до актуелната македонска власт која ја поддржува политиката за меѓусебна соработка помеѓу нашата држава и Р.Србија и се заложува за добри и братски меѓусоседски односи, власт која дава огромен допринос во остварувањето на правата на етничките заедници и создавање на пријателски односи со своите соседи.
Ова обраќање ќе го завршам со латинската поговорка која се генерации се користела во Римското царство “Patria prima cura“ што во превод значи Татковината е прва грижа. Господ нека ја благослови нашата Македонија. Господ нека ја благослови Р.Србија и нејзиниот претседател Александар Вучиќ. Сега би сакала да се обратам и на Нејзината екселенција г-ѓица Невена Јовановиќ, амбасадор на Р.Србија во нашата држава и следејќи го примерот на нејзиниот претседател, да не удостои со можноста да ја поздравиме, да ја споделиме со неа нашата поддршка за мирољубивата политика на нејзиниот лидер и да и го предадеме овој проглас.
Мој народе, со ова го завршувам овој наш денешен собир со големо благодарам до сите вас, благодарам што покажавме дека заедно сме посилни, помудри и сложни“, рече Денковска.