Украинските медиуми го објавија текстот на договорот меѓу Украина и Соединетите Американски Држави за минералните суровини, за кој се разговараше последните недели.
Украинската страна тврди дека преговарачите договориле поповолни услови за Киев.
САД се откажаа од барањето да добијат 500 милијарди долари компензација од украинските ресурси.
Главните точки на договорот се:
– Владите на Украина и САД ќе формираат инвестициски фонд за обнова на Украина со заедничко управување.
– Украина ќе придонесе во фондот 50 отсто од приходот од идната монетизација на природните ресурси на државата (нафта, гас, минерали);
– Владата на САД „ги поддржува напорите на Украина да добие безбедносни гаранции неопходни за воспоставување мир“;
– Учесниците на договорот се согласија за „одредување чекори за заштита на меѓусебните инвестиции“;
Според информациите, кои украинските медиуми ги добија од извор, не е исклучена можноста за воведување „таргетирани промени“ во однос на лицата овластени да го потпишат документот.
Во договорот се наведува дека договорот за формирање заеднички фонд е клучен елемент за изградба на систем на „економска сигурност и воспоставување траен мир“.
За подготовката на договорот за фондот одговорни се министрите за финансии на САД и Украина, како и Министерството за економија на Украина.
Работните групи на САД и Украина ќе започнат со подготовка на договорот со кој ќе се регулира активноста на инвестицискиот фонд.
Договорот би можел да биде потпишан за време на посетата на шефот на украинската држава, Володимир Зеленски, на Вашингтон на 28 февруари.
Претходно, Украина ги отфрли претходните верзии на договорот, оспорувајќи го нивото на потребната американска воена помош за компензација. Киев побара и клаузула за безбедносни гаранции да биде вклучена во договорот, иако во конечната верзија не се споменуваат обврските на Вашингтон по ова прашање.



