Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, денес, пред неговата посета на Србија, изјави дека иднината на регионот на Западен Балкан е во Европската Унија.
Во објава на платформата X, тој истакна дека тоа е „најдобриот начин да се сврти страницата од минатото и да се изгради заедничка иднина на мир, стабилност и просперитет“.
Тој изјави дека оваа недела за прв пат ги посетува земјите од Западен Балкан како претседател на Европскиот совет и дека за време на неговата посета сака да ги охрабри земјите од регионот да ги спроведат потребните реформи за да станат членки на ЕУ.



