Уште една компанија од Србија ќе биде цел на новиот, 17-ти пакет санкции на ЕУ против Русија. Како што дознава Н1, станува збор за компанијата „Спрокур“ од Белград, која од јануари 2024 година е во 100% сопственост на турскиот државјанин Ердал Илхан. Според истражувачките новинари од Русија, оваа компанија му снабдила на еден руски олигарх одредени делови за авионите на неговата компанија. Најавениот 17-ти пакет санкции против Русија треба формално да биде одобрен од министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел на 20 мај.
Листата, меѓу другите, вклучува и нови компании, од кои едната е од Србија – „Спрокур“. Компанијата „Спрокур“ д.o.o. е основана во август 2022 година во Белград. Со промената на сопственоста, се промени и адресата на бизнисот. Така, во јануари 2024 година, „Спрокур“ премина од рацете на Зинета Мехмеди, државјанка на Србија, во рацете на турскиот државјанин Ердал Илхан, кој е и нејзин директор. Седиштето на компанијата е преместено, но дејноста не се променила.
Од регистрираната активност, која е „посредување во продажба на разни производи“, не е можно да се заклучи зошто компанија со еден вработен и минатогодишен деловен приход од 1.422.682 евра би била „цел“ на новиот пакет санкции на ЕУ против Русија. Кога станува збор за извоз, вредноста на извезената стока е поголема, во текот на 2022, 2023 и 2024 година, компанијата „Спрокур“ извезувала во Киргистан, Турција, Јужна Африка и САД. Вкупниот извоз во текот на 2022 година изнесувал 623.399 евра.



