Кремљ потврди дека Азербејџан и Русија влегле во тежок период во билатералните односи.
„Понекогаш се случува да се појават тешки периоди во односите меѓу двете земји. Ова е еден од тие периоди“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на брифинг за медиумите во Москва. „Се надеваме дека овој период ќе помине“, додаде Песков, истакнувајќи дека соработката меѓу двете земји е заемно корисна.
Минатиот месец, Азербејџан, по смртта на азербејџански граѓани за време на полициска рација во рускиот град Екатеринбург, ги откажа планираните културни настани во Русија, велејќи дека одлуката е донесена како одговор на „целните и вонсудски убиства и акти на насилство“ против Азербејџанците врз основа на нивната етничка припадност.
Песков, исто така, им рече на новинарите дека истрагата на Москва за падот на авион на азербејџанската авиокомпанија AZAL во Казахстан минатиот декември, во кој загинаа 38 патници, продолжува.
Тој рече дека Баку има право да поднесе тужба против Москва за ова прашање во меѓународните судови доколку одлучи да го стори тоа и дека Русија ќе чека официјални одлуки.
Портпаролот изјави дека не може да се исклучи можноста за средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и неговиот американски колега Доналд Трамп во Пекинг за време на настаните планирани за септември по повод 80-годишнината од крајот на Втората светска војна.



