Шумски пожари беснеат низ северозападна Шпанија, а илјадници луѓе се евакуирани, многу патишта се уште се затворени, а досега се повредени најмалку шест лица.
Пожарникарите успеаја да стават под контрола дел од пожарите, но пожарот во областа Хариља, кој гори веќе шест дена и изгоре 9.000 хектари, е целосно надвор од контрола, објавија шпанските медиуми.
Пожарите, со кои се борат противпожарните екипи во регионот Галиција, изгореа повеќе од 50.000 хектари, а најпогодена е покраината Оренсе, каде што неколку пожари повторно се разгореа во последните часови. Состојбата на пет лица кои претрпеа изгореници и беа хоспитализирани во Ваљадолид е малку подобрена, додека шестиот повреден пациент е во стабилна, но сепак критична состојба во Универзитетската болница Хетафе во Мадрид, објавија шпанските медиуми.



