Илјадници евра се дадени за софтвери и најразлична заштита од сајбер напади, за М-НАВ повторно да има проблеми со работењето поради хакерски напади.
М-Нав со денови е мета на хакерски напад, а наводно истата неколку дена била оставена без интернет поради што останале без податоци од метео службата и од центарот за обработка на летови. Од М-НАВ велат дека се работи за обид за нелегално влегување во административниот дел на компјутерската мрежа, но тоа во ниту еден момент не влијаело на безбедноста на воздушниот сообаќај.
-М-НАВ деновиве е во исчекување и на официјалниот извештај од МВР за да се потврдат причините и евентуално да се пронајдат сторителите на овој обид за хакерски напад. Важно е да се истакне дека оперативните системи за управување со воздушниот сообраќај во ниту еден момент не беа засегнати, бидејќи меил серверот на административниот дел не е поврзан со системите за управување со воздушниот сообраќај. На тој начин, безбедноста и континуитетот на воздухопловно-навигациските услуги останаа целосно обезбедени, соопштија од М-НАВ.
Согласно информациите достапни на веб-страницата за јавни набавки, над половина милион евра, односно околу 617.000 евра се дадени за заштита од хакерски напади, заштита од сајбер напади, одржување на системи и слично.







Дополнително средства се потрошени и за одржување на овие системи, меѓутоа ефектот не е видлив.
Од МВР велат дека се преземени службени мерки и активности во просториите на МНАВ. Се преземаат мерки за расчистување на случајот во координација со Основното јавно обвинителство Скопје, со цел утврдување на сторител на кривичното дело.



